Оставка на пратеничка функција вчера поднел Игор Дурловски кој беше дел од пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Веста за ова тој синоќа ја објавил преку Фејсбук.
-Националните интереси, правда за неправедно прогонетите и нормална држава за нашите деца беа/се мои приоритети. Пратеничката фотеља боде кога политичката прагма станува поважна од моралот. Затоа, го напуштам Собранието на Република Македонија, а на колегите од Коалицијата „За обнова на Македонија“ им посакувам истрајност, доследност, мудрост, којашто сум сигурен дека ја имаат. Тоа што го зборував не можам да го направам, но сега нема да зборувам, а ќе продолжам да го правам! Останувам доследен на моите поддржувачи и нивниот глас, напиша Дурловски на Фејсбук.
Тој беше носител на пратеничката листа на коалицијата „За обнова на Македонија“ во Петтата изборна единица, како независен пратеник кој се приклони и членува во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кон кој се води иако не е член на партијата.
Од ВМРО-ДПМЕ изјавија дека одлуката на Дурловски е негов личен став, а тој останува верен на партијата.
–Тоа е личен став на Игор Дурловски кој што ние го почитуваме. Како што и Дурловски сам кажува, тој останува верен на Македонија, но и на Коалицијата За обнова на Македонија и на ВМРО- ДПМНЕ. Дурловски останува и стратешки соработник на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, изјави партискиот портпарол Наум Стоилковски.