Има и по некоја редица надвор, но се запазуваат мерките, граѓаните гласаат непречено

Со држење дистанца од два метра десетина граѓани чекаа пред избирачкото место во средното медицинско училипште „Панче Караѓозов“ во скопската општина Центар. Сите веќе имаа маски на лице, а внатре се влегуваше еден по еден, со тоа што на гласачкото место во еден момент можеше да има најмногу двајца гласачи.

Кога ќе влезеше еден граѓанин веднаш ги дезинфицираше рацете, па потоа следуваше проверката на палецот со УВ-лампа, давање лична карта, симнување на маската за идентификација, потпис во избирачки список, гласање и уфрлање на ливчето во кутијата, па пак дезинфекција на рацете.

-Се помина во најдобар ред. Беше сигурно ако тоа може да биде во ситуација во која сме со корона вирусот и опасноста од него. Решив да гласам и покрај се оти тоа е граѓанска должност, ни рече еден граѓанин кого го затекнавме на изборачкото место.

Во еден момент се направи пауза. Избирачкиот одбор реши дека е потребно да се изврши проветување на просторијата и дезинфекција. Истовремено и да испратат податоци до ДИК.

На друго гласачко место избирачкиот одбор работеше во холот, пред училницата. Причина било за да се запази дистанцата меѓу членовите на избирачкиот одбор. Колку што можевме да забележаме сите гласачки места беа опремени со доволни количества на средства за дезинфекција, ракавици, маски…

Слична атмосфера затекнавме и на гласачките места во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода. Гласачите влегуваа еден по еден, и немаше ниту еден кој немаше заштитна маска на лицето. И тука се вршеше иста процедура при што избирачките одбори најмногу внимаваа да нема повеќе од двајца гласачи во ист момент во просторијата.

-Така е предвидено, да има толку гласачи колку што има паноа за гласање, ни рече претседателка на еден од одборите.  

И во соседното основно училиште „Димитар Миладинов“ беше слична слика. Граѓани доаѓаа да гласат, но се забележуваше дека се во помал број отколку на минатите избори.

-Јас се решив да дојдам и покрај се за да гласам. Ги почитувам мерките за заштита и се надевам дека се ќе биде во ред, ни рече скопјанецот Дејан Мишевски.

Инаку, одѕивот на гласачите до 11 часот, според ДИК, изнесуваше 15,33 проценти, по обработени податоци од 3.297 гласачки места. Ова е најнова информација откако ДИК претходно соопшти дека одзивот до 11 часот е 11 проценти, кога беа сумирани податоци од 3.134 гласачки места.

Според податоците кои ги соопшти претседателот на ДИК Оливер Дерковски, одѕивот во ИЕ 1 изнесува 13,7 отсто, во втората изборна единица 9,64 во ИЕ 3 е 13,08 проценти, во изборната единица четири одѕивот на гласачите е 13,46 отсто, во петтата изборна единица одѕивот е 10,55 и во шестата изборна единица 6,04 проценти.

Од скопските општини висока излезеност е забележана во Аеродром и Карпош и тоа над 17 отсто и во Кисела Вода 16 проценти.

Претходна вестПоука за некои карпошани: Ѓубрето се фрла во контејнери, а не покрај нив
Следна вестЕдно лице лишено од слобода на избирачко место, има и пријави за нудење поткуп…