Карпошани насекаде се фалат дека се елитата на Скопје. Но, еве едно прашање – како тие ги тестираат-користат новите контејнери во општина Карпош поставени пред два месеца? Многумина, уредно и како што треба, ама очигледно е дека не е мал бројот и на тие кои кесите со ѓубре и други отпадоци ги оставаат покрај нив наместо да се фрлаат внатре. Така елита не се бидува.
Фотографија-сведоштво направена вчера од Гордана, жителка на оваа скопска општина, која ја доби и „Скопско ехо“ тоа на најубав начин го потврдува.
-Лично ги видов оставените кеси, беа полни со ѓубре и тоа ме згрози. Го отворив контејнерот и ја фрлив мојата кесе со ѓубре по што уште повеќе се згрозив кога видов дека е навистина полупразен контејнерот и има уште доста место за фрлање ѓубре. Тогаш ја направив фотографијата за да се види како се однесуваат некои граѓани. Не нови, туку и златни контејнери да ни постават не ни помага со ваквиот однос, ни рече Гордана Симоновска Момироска.
Таа ни рече и тоа дека новите контејнери се супер, длабоки, широки, со голем обем на капакот.
-Спастрено е се како што треба. Навистина собираат многу повеќе ѓубре од претходните што беа. Но, дефинитивно, контејнерите не треба да бидат предмет на тестирање туку луѓето, потенцира ова жителка на Карпош.
Новите полуподземни контејнери беа поставени на почетокот на јуни со цел да се тестира нивна погодност за употреба по градот. Тие се со капацитет од 3 до 5 кубни метри од реномираниот фински производител Молок Лтд. кој преку своите локални партнери покрена иницијатива за тестирање на овие контејнери во Скопје. За таа цел на ул. Никола Русински, зад ТЦ Лептокарија во Карпош, поставени се 6 вакви контејнери, од кои 2 се со капацитет од 3 кубни метри, а 4 се со капацитет од 5 кубни метри.