Нема ден во претседателската кампања, а да нема некој од седумте „тркачи“ да не предизвикува друг на ТВ дебата. Сите нешто делуваат решително и сигурно.
Ама, еве, јавни дебати на претседателските кандидати уште нема, иако полека, полека изборната кампања истекува.
Сега најактуелен во повикот за „двобој“ на Бујар Османи, тој ја повикува Гордана Силјановска-Давкова да ги вркстеле аргументите во медиумски дуел.
-Ја поканив противкандидатката г-ѓа Гордана Силјановска-Давкова, и пак ја поканувам, ајде да дебатираме! Бидејќи нашите две понуди се единствените алтернативи, ајде да влеземе на дебата, истакна Османи.
Од штабот на Силјановска-Давкова, брзо одговорија:
-Замислете што му е најважно? Сертифицирани да биле политичарите. А, кој го дава сертификатот? Вие, граѓаните, народот! Е, па, да видиме дали ќе добие сертификат. Нека дојде на дуел со сите кандидати, па да видиме кого ќе го сертифицираат во предиграта, во премиерата, па за да знаеме што ќе се случува во вториот дел од политичката игра.
Значи, ништо од вака осмислениот дуел. Но, зошто нема барем една средба пред ТВ камерите на сите седум кандидати?
На почетокот кандидатот Стево Пендаровски самоувертено истакнуваше дека е подготвен да се соочи со политичките противници во кое било време, на која било телевизија. Ама потоа почна некако да го одложува тоа збиднување. Потоа пак изрази и резерва кон МТВ каде имаше обид за реализација на дуелот. Од дуга страна ТВ Телма дури и јавно посочи дека Пендаровски одбил да учествува на дебата ако не дошле сите кандидати. А потоа решителниот кандидат на СДСМ дури излезе и со предлог со кого тој би дебатирал.
– Сакам да предложам да имаме вистински дуел, да има реален дуел, не фингиран дуел. Јас предлагам вечерва да излезам на дуел со Христијан Мицкоски, бидејќи очигледно тој е кандидат за претседател. Госпоѓата Силјановска не ја гледаме каде е, рече Пендаровски.
И така, се редат разни покани за дебати. Некои од кандидатите се прават на минтинзите пред нивните членови ептен решителни, досетливи и полни со аргументи против своите опоненти, ама ги нема на вистинска дебата седнати во една просторија со другите…
На сето ова кандидатката Билјана Ванковска вели:
-МТВ ако сака да го сочува достоинството на национален сервис мора да организира соочување макар и со празни столчиња за плашливците и калкулантите. Соочувањето не е ифтарска вечера туку обврска кон македонската јавност!
Останува да се види, ќе се најде ли јунак да ја организира дебатата на претседателските кандидати. Секако за да тоа се постигне потребни се и јунаци меѓу претседателските кандидати.