Има ли лек за поплавувањето на улиците: Ќе се чистат ли редовно или е време за поинакви шахти?

Поплавени улици повторно му се случија на Скопје во текот на вчерашното невреме. Доколку се повторат такви поројни врнежи, кои се најавуваат за денеска попладне, пак ќе се има иста слика: длабока вода, неможноста да се движат возилата, забавен сообраќај, излевање на водата по соседните куќи… Така е секогаш кога има големо невреме по градот.

Лекот за овој проблем тешко се наоѓа. Дали, навистина, не може да се најде? На градските власти им требаа многу години и бројни потопувања кои се случуваа на критичните места на подвозниците кај поранешната стоковна куќа „Мост“, кај подвозникот кон Црниче, на булеварот „Србија“… Решението се најде во одводните канали на погорните делови пред критичните места.

Но, остана проблем со останатите сообраќајници. Таму, одводните шахти брзо се запушуваат и за кусо време настанува потоп. Причина за запушувањето се отпадоците кои ги има на улиците – лисја, гранки, кеси…. Екипите на „Водовод“ се немоќни за кусо време да ги расчистат сите запушени места. Решението може да биде само во следно: или улиците редовно ќе се чистат за да на нив нема отпадоци коишто ќе можат да ги запушуваат шахтите или, пак, шахтите ќе треба да имаат поинаков дизајн, поинакви решетки кои ќе имат поголема пропусна моќ. Околу ова треба да се размислува бидејќи поројните дождови и натаму ќе бидат секојдневие по градот

Претходна вестОрганизираниот урбанистички криминал ги прави најголемите штети во Скопје
Следна вестОсвоен и деветтиот највисок врв во светот: Сашко Кедев се искачи и на Нанга Парбат во Пакистан, висок 8.125 метри