Организираниот урбанистички криминал ги прави најголемите штети во Скопје

Не го гледам проблемот на градот во големината туку во организираноста, но и посветеноста на оние кои го раководат…

 За Драган Томовски, познат спортски работник, клучниот проблем во градот е човечкиот фактор и начинот на избор на менаџментот на Скопје. Toj одговора на повеќе прашања…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

– Сликите кои ги создаваме за Скопје зависат од возраста, емоциите, односите кои владеат… Работите, на кои со радост се сеќавам, пред се се односите меѓу луѓето на времето во кое другарството, пријателството, довербата, комуникацијата, хуманоста па и вредностите имаа посебно место во мојот живот. Безбедноста, сигурноста во секој поглед, немаа цена ниту можат со нешто денес да се споредат, па и мултинационалните односи беа на сосема друго ниво. Пајко маало (каде живеев), Камени мост, плоштадот, Калето, паркот, „Кермез“, стадионот, ФК Вардар, КК Работнички… безброј неповторливи спомени.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

– Квалитетот на животот согласно сите горе наведени елементи е неспоредлив до и по 90-тата.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

– Скопје имало и многу, навистина добри градоначалници. Но историски гледано, еден е практично без конкуренција. Тоа е Јосиф Михаиловиќ-Јуруковски (случајно во поширокото мое семејство) чии дела се водоводот Рашче, хидроцентралата Матка, Собранието на Република Македонија, старата железничка станица, Офицерскиот дом, старата зграда на Народна банка, Градскиот парк, Зоолошката градина….. Затоа, историјата пред се, според делата, ќе го памети Михаиловиќ. Останатите градоначалници, исто така, ќе се вреднуваат и на нив ќе се сеќаваат, според нивните дела.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

– Никогаш, никој, не дал колку што можел. За жал, користењето на нечиј потенцијал не зависи само од самата личност, туку и од други околности. Она, на што ја посветив целата своја љубов, беше периодот кога го водев ФК Вардар и тоа извонредната клубска организација, освоените титули, создадените репрезентативци на Македонија. Идејата за Балканска лига потекнува од нас. Бевме и прв клуб на овие простори кој успеа да се самофинасира. Клубот беше пример на модерна професионална организација, исклучително респектиран и во балкански и во европски рамки.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

– Со Антифашистичката борба и со многу луѓе кои не ги познавав, (а со некои пак другарував): Мајка Тереза, Петре Прличко, Славко Јаневски, Столе Попов, Милчо Манчевски, Влатко Стефановски, Есма Реџепова, Благоја Георгиевски-Буштур, Ѓокица Лукаревски, Игор Џамбазов, Филип Ѓурчиновски, Трајко Стаматовски, Дарко Панчев, Симон Трпчевски, Пеце Наумовски, Лазар Лечиќ, Тихо Бачовски и многу, многу други кои со својот живот и активности придонесоа Скопје да го препознаваат во светот. И нормално… со ФК „Вардар“.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

– Не го гледам проблемот на градот во големината туку во организираноста, но и посветеноста на оние кои го раководат.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

– Очигледно е дека организираниот урбанистички криминал ги прави најголемите штети кои се манифестираат со катастрофални урбанистички решенија, пренатрупаност, кич, загадување, проблеми во одвивањето на сообраќајот… Со еден збор, убиена е душата на градот. Значи, клучниот проблем е човечкиот фактор, начинот на избор на менаџментот на градот и на раководителите на институциите кои треба да се грижат за решенија за горе наведените сегменти. Од искуство, практиката кај нас е сосема спротивна, па така и оние менаџери („случајно избрани), кои се обидоа да работат во интерес на граѓаните, многу бргу беа сменети затоа што „застанале на жуљ“ на некој од „бизнисмените“ кои се бават со градежништво, „менаџирање“ со ѓубрето, сообраќај итн.

Во какво Скопје сакате да живеете?

– Сакам да живеам во град каде, кога шетам, ќе среќавам задоволни, среќни и насмеани луѓе…. И сакам градот да направи се, да помогне ФК Вардар да се врати на местото кое му припаѓа, како симбол и на градот и на државата.

Претходна вестКлиника за кардиологија: Имаше вода само во една просторија, немаше поплава
Следна вестИма ли лек за поплавувањето на улиците: Ќе се чистат ли редовно или е време за поинакви шахти?