Има многу партиски вработувања и корупција, затоа го продадов бизнисот и заминав од Македонија

Не сопира иселувањето, не сопираат и политичарите со ветувања за подобро утре

Се иселив пред две години на 45 годишна возраст. Имам завршено факултет за одделенска настава и имав бизнис. Го продадов и се иселив. Во Македонија обичен човек нема иднина, се случуваат партиски вработувања поради кои моите деца немаа иднина, ни вели Бисерка Молеровиќ, која живее во Германија

Имам 42 години, сопруга и две деца. Работиме во Скопје, но веќе имаме план за заминување. Сакаме да живееме во земја каде има ред и правда. Не сакам да плаќам даноци, а да живеам во нечисто и без да сум заштитен и уважен од институциите. Последниве години верував на политичарите дека ќе донесат подобрувања, но испадна дека поради нив и си заминувам, потенцира Борјан С.

Иселувањето на младите од Македонија е голем проблем. А се почесто се иселуваат и повозрасни граѓани кои дури имаат и добро работно место. Зошто е така? Се прават ли од страна на властите вистинските работи за да се сопре овој погубен тренд за државата кој трае со години?

Јасно е дека Германија, Австрија, Швајцарија, Италија, Малта… имаат подобри услови за живот и работа, но дали тоа е единствената причина за заминување на нашите сограѓани? Зад тие заминувања се наоѓа големо незадоволство од она што го доживуваат во сопствената земја: Не може да се вработат, а и тие што работат добиваат ниски плати, тешко се создаваат семејства, се соочуваат со неправди, дискриминации… и во меѓувреме, единственото што го слушаат се ветувањата од политичарите дека ќе биде подобро, дека многу работат за доброто на сите…

 -Се иселив пред две години на 45 годишна возраст. Имам завршено факултет за одделенска настава и имав бизнис. Продадов и се иселив. Во Македонија обичен човек нема иднина, се случуваат партиски вработувања поради кои моите деца немаа иднина и преспектива. Има корупција и подмитување, за операција на татко ми ни бараа пари во болница. Не сакав ниту како даночен обврзник да ја плаќам промената на името на државата која е направена спротивно на волјата на народот. Едноставно, се иселив оти сакав да се почувствувам како човек со права, а не како странец во сопствената земја, ни рече штипјанката Бисерка Молеровиќ, која сега живее во Германија.

Имаме работа, но други работи ни пречат

Колку илјади наши сограѓани се иселени во изминативе три децении точно не се знае. Пред две години Светската банка излезе со проценка дека од земјава се иселиле околу 500.000 наши граѓани од кои две третини биле работоспособни, а една третина високостручни. Светските банкари тогаш предупредија дека мора да се преземат чекори за да се спречи одливот на таленти од земјава. Нашите политичари, пак, тоа предупредување го сфатија како поттик да даваат уште повеќе изјави дека иселувањето треба да се запре. Такви изјави во изборните кампањи даваше премиерот Зоран Заев, даваа министри па се до шефот на државата Стево Пендаровски кој иселувањето рече дека е „една од најголемите закани за нашата национална безбедност“. Меѓутоа, и по таквите зборови и ветувањата речиси ништо не се смени во делувањето на државата.

-Имам 42 години, сопруга и две деца. Работам во Скопје, а и сопругата, но веќе делуваме на планот на заминување од Македонија. Не е до платите, сакаме да живееме во земја каде има ред и правда. Не сакам да плаќам даноци, а да живеам во нечисто и без да сум заштитен и уважен од институциите. Последниве години верував на политичарите дека ќе донесат подобрувања, но испадна дека поради тие на кои им верував и си заминувам, ни вели Борјан С.

-Се иселив од Велес. Магистер сум по политички науки и не можев да најдам работа. На сите огласи на кои се пријавував во државни институции се примаа партиски војници. Изборот беше дали да мијам чинии по ресторани или да делам слики по свадби. Така не можеш да создадеш фамилија, ни вели Весна Михајловска – Хокине.

Анкетата меѓу студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство покажала дека речиси 80 отсто од студентите во завршните години на студии размислуваат или планираат да заминат од земјата. За жал таквите планови имале и оние кои се вработиле тука веднаш по дипломирањето.

-И јас сум меѓу оние кои размислуваат на заминување бидејќи спасот таму го гледам. Тука многу работи треба да се променат. Дури 80 проценти од населението работи за 250 до 300 евра. Во многу работи е вклучена политиката, народот е поделен, нема стратегија да останат младите, ни вели Горан Карајановски од Скопје.

Си ја сакам Македонија, ама…

Граѓаните, очигледно, се разочарани од македонските политичари.

– Во Малта живеам веќе девет години и тука ако работиш чесно и си ја гледаш својата работа можеш да успееш. Жена ми без врски се вработи во училиште тука што е невозможно во Македонија во која се вработуваат неспособни партиски кадри и не се ценат луѓе кои работат, ни вели Драган Михајлов.

Дел од нашите сонародници во странство би се евратиле евентуално како панзионери.

-Си ја сакам Македонија ама никогаш не можев да постигнам нормално да го поминам месецот со намирници, со рати за кредит иако работиш. Тоа е жалосно, нашата Македонија се празни, но тоа е. Можеби во пензионерските денови ќе се вратиме од Германија, ни вели Габриела Тодоровска – Сачмароска.

Но некои ниту ако пензионери не би се вратиле.

-Мора да се намали партизираноста, да се вреднува трудот, да се вработува по знаење и искуство, законите да важат за сите. Се уште не гледам дека тоа се менува во Македонија и затоа немам намера да се враќам, ни вели Весна Михајловска – Хокине.

Прашање е дали нашите актуелни политичари ги слушаат ваквите пораки. А од друга страна од политичарите нон-стоп се слушаат ветувања дека младите ќе се задржат во земјава, дури и солзи се леат поради масовното иселување, ама во меѓувреме продолжува партизацијата, неправдите, корупција…

Заминуваат и на 57 години

Бранко Витанов ни рече дека од Македонија се иселил кога веќе тоа станало неминовност.

-Веќе не сум во Македонија се иселив на мои 57 години со 37 години стаж. Се иселив бидејќи во нашата земја останаа само политичарите и политичките вработувања. Како тоа децата да учат, факултети да завршат и на крај да ти барат пари за вработување. И не само кај моите деца туку и кај други, вели Витанов.

Сезонски рмбаме во тешки услови, но би останале во туѓината

Она што е посебно загрижувачко е тоа што во земјава веќе се празнат и цели региони. Таков е посебно случајот се подрачјето на источна Македонија. Проценка е дека годишно најмалку 1.000 – 1.500 заминуваат на покуси или подолга работа во европските земји.

-Одам во Италија секоја година да работам сезонски во земјоделието. Масовно одиме од мојот град. Во Италија поискусни работници, таму живееме во мизерни услови само за да спечалиме две – три илјади евра и да се вратиме за со семејството да ја преживееме зимата. Но, веќе размислуваме за трајно селење, објаснува Предраг од Св. Николе.

 

Претходна вестПодло се наметнати туѓите намери за редефинирање на македонската држава, нација и историја
Следна вестГТЦ на чуден начин се брани од новите шопинг молови во Скопје