Преговорите за формирање на новата влада ќе почнат по Илинден. Можело да се почека, сепак тоа ќе било согласно со законските рокови. Вака соопштија од СДСМ.
A се сеќавате ли што соопштуваа и СДСМ и нивниот лидер кога велеа дека мора да има што поитно вонредни парламентарни избори?
-Избори мора да има час поскоро. Избори мора да има и тоа во најбрз можен рок. Потребни се целосно функционални институции за заштита на јавното здравје, поставување и водење на новата развојна македонска економија, апелираше и инсистираше во месец мај лидерот на СДСМ, Зоран Заев
И сега изборите завршија, тој заминува на одмор до Илинден. Но, тоа го правел и за доброто на сите нас.
– Имајќи го предвид изминатиот период исполнет со корона криза и предизборни кампањи, СДСМ се залага во деновите до и околу Илинден граѓаните да здивнат од политичките активности на партиите. По Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ. Законските рокови ќе бидат целосно запазени, државата ќе добие функционални и легитимни институции, соопшти вчера СДСМ и информира дека од денеска, партискиот лидер Зоран Заев ќе користи неколку денови одмор.
Итната потреба од функционални институции не била така итна. Или пак ние не разбираме што значи зборот итно или пак што всушност било итно?