Градоначалниците се растрчаа предизборно, зошто не прават така цела година?

Им фали мотив

 

Како не ви е срам да се сликате и да фрлате прашина во очи, ова треба да ви биде секојдневна обврска без разлика кој е на власт, а не сега како и секогаш, само пред избори. Обврските кон граѓаните се обавуваат за цело време на вашите мандати, а не пред избори. Кога ќе го сфатите тоа Македонија ќе биде пристојно место за живеење… Ова е порака која еден граѓанин деновиве ја оставил како коментар на Фејсбук, под објавата на градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски. Објавата на градоначалникот е однесуваше на тоа дека во функција се ставени 10 километри од канализациона мрежа во селото Трубарево. Но, имаше и коментари на граѓани под објавата на градоначалникот дека се прави реконструкција на улицата „Фуштанска“.

-Сите се раздвижени пред избори. Треба на една година избори, напиша друг граѓанин.

Слични коментари имаше и на објавите на други општински градоначалници. Велимир Смилевски од општина Бутел деновиве најави дека жителите од Кучевишка бара и од Бел камен ќе добијат канализациона мрежа по што една негова сограѓанка реагира.

-Дали се тоа предизборни ветувања, бидејќи на нив навикнавме или нешто каде се користи „ќе“? Да му е страв на човек во нешто да верува, напиша жителката на Бутел.

Реакциите на граѓаните доаѓаат по вистинска серија на објави кои ги прават градскиот и општинските татковци за активности кои ги преземаат во последните триесетина дена. Случајно или не, тие се правеа токму во периодот на изборната кампања. Па така, напоредно со кампањата која ја водеше нивната партија, по општините можевме да видиме како токму сега се поправаат градинките и детските игралишта, уредуваат спомен-обележјата, садат нови дрвца, поставуваат лежечки полицајци, кошеви на спортски игралишта, прават нови летниковци, поставува нова урбана опрема, како се врши собирање на кабаст отпад, реконструираат улиците, се набавува опрема за одржување на зелени површини…

Обично, доминираа поситни работи, кои се полесни за завршување. Дали целта беше само сето тоа да биде видливо за граѓаните? Зошто ове работи не се правеа порано? Скопјани ова го прашуваат, ама и го имаат одговорот.

 -Сето ова што се прави е само предизборно. Тоа е главниот мотив, за да им се покаже на граѓаните како нешто се работи, како се исполнуваат изборните ветувања. За жал, јас сум сигурна дека кога ќе завршат изборите нема така да продолжат да работат, односно, секој ден да имаат некаква активност како сега, смета скопјанката Фросина Мерџанова.

Дали така и ќе биде останува да се види. Но, уште поважно е да се види, дали освен ситните поправки ќе се реализираат крупните ветувања кои градоначалниците ги дадоа – поради што и добија глас и власт на локалните избори.

Зарем спасот ни е во избори на шест месеци?

-Да има избори на секое 6 месеци, може основните работи ќе бидат малку посредени во Скопје. Друго ништо не ги стимулира градоначалниците да работат. Вака прво парламентарни избори, па по шест месеци локални, потоа по шест месеци претседателски избори и се така во круг нека вртат и по нешто се надевам ќе сработат. Ова е секако шега, ама што друго да кажам кога несовесни седнаа во важните фотелји, ни прокоментира Борис Е. од Центар.