Инспекторатот не најде пропусти во лекувањето на шестгодишната Јана, сега се чека на обдукцијата

Не се констатирани недостатоци во лекувањето и третманот на 6-годишната Јана Христовска од битолско Кравари која почина  во средата во Клиничката болница во Битола, соопшти синоќа Државниот санитарен и здравствен инспекторат , по вонредниот инспекциски надзор спроведен денеска. Инспекторите по увидот во документацијата и изјавите на здравствените работници констатираа  дека девојчето имаше срцев застој.

Во соопштението се наведува дека детето било донесено за преглед на одделението на 22.03.2023г. околу 10,00 ч. без претходен упат од матичен доктор. Била примена на преглед специјалист педијатар, кој искреирал „итен упат“ со упатна дијагноза Е86 – дехидратација во 10:07ч. Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грло, заради кое мајката и дала сируп Цо-алмацин.  Ден пред прием била без покачена температура , со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете по што мајката го прекинала сирупот.

Се додава дека од клиничкиот преглед во наодот констатиран е присутен оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик. Потоа креиран е упат за биохемиска лабораторија – уринарен, глуциден и ацидобазен статус, земени се примероци од крв и урина за анализа  и потоа ординирана терапија –„Хипоглусал 1„   – 500мл. ( 250 мл.5 отсто Глукоза и 250 мл.0,9 отсто Натриум хлорид) и амп. Бедоксин. По добиените резултати, во 10:45 ч земени се и проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус.

-По завршување на инфузијата состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило , тахикардија и сомнолентност. Докторката која извршила првично преглед  побара помош од вториот присутен педијатар. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено е на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи во 12.34 ч и во 12.42 ч. и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог од установата. Во меѓувреме детето прави срцев застој  по што е  направена е реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти – педијатри од ЈЗУ УК за детски болести од оддел за кардиологија и за неврологија  за транспорт во таа здравствена установа. По препорака на специјалистот – анестезиолог во болницата  направени се дополнителни анализи на ензимскиот и ацидобазниот статус, (креатин киназа и тропонин ) во 13.34ч и во 13.49ч. Поради дополнително влошување на состојбата, во 14,00 ч. детето е пренесено во службата за интензивно лекување САРИЛ каде е направена кардио пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана  смрт во 15.20 часот. По изјава на двете докторки – специјалисти педијатри  по добиените  резултати од направените ензимски иследувања за  покачени показатели за срцево страдање   (креатин киназа и тропонин ) известена е мајката на детето за сериозноста на состојбата.

 

Телото на починатото дете е дадено на обдукција.

-Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на ДСЗИ, се наведува во извештајот.

И битолското обвинителство издаде наредби и насоки да се извршат сите неопходни проверки за да се утврдат причините за смртта на  6 годишната Јана Христовска. Обдукцијата треба точно да покаже од што почина малото девојче, за кое родителите се сомневаат  во лекарска грешка, затоа што шеќерот во крвата драматично се покачил откако ја примила инфузијата со гликоза. По  добиените резултати од обдукцијата ќе одлучат дали ќе бараат одговорност за смртта на нивното девојче.

 

Претходна вестПретпладневното сонце ќе го замени попладневниот дожд
Следна вестСо поместување на еден час нанапред во два часа по полноќ ќе започне летното сметање на времето