Колумна на Никола Тасев:
Дефинитивно Македонија има потреба од помирување, обединување, простување, заедништво на сите граѓани… Дефинитивно треба да се надминат и поделбите што со години тлеат во македонскиот народ.
За ова често ги слушаме како зборуваат и македонските владини функционери на секој поголем државен празник. Постојано верглаат за заедништво, ама никако да го направат тоа на терен. Оти наспроти нивните пораки, во секојдневието на македонското општество се забележува, не само отсуство на заедништво, туку и дека има многу поделби.
Слободен сум да кажам дека – дефинитивно СДСМ мошне малку се труди за тоа толку потребно заедништво навистина да се случи. Кој мисли дека претерувам еве само нека се сети дека од оваа партија не признаваа ниту што мисли народ на референдум. Еве сега почнаа и да кројат нови приказни што треба да направат нови поделби.
Влегуваме во нов изборен процес, а веќе се гледа намерата на „европејската власт“ да се претстави како „претставник на Европската Унија“ и сите други да ги прогласи за „антиевропјеци“. Впрочем на Ковачевски веќе не му е интересна поделбата лево – десно, па најави дека следните избори нема да бидат борба меѓу левица и десница, туку борба за оние што се за Запад и оние што, како што самиот суди, – се за Исток.
Е ајде бре! Ќе не враќате ли во времето на Информбирото, кога тогашните комуњари ги делеа Македонците на Титовисти и Сталинисти?
Ова е недозволиво! Ова не го прифаќам!
Прво, затоа што нема такви тенденции како што наметнува Ковачевски и неговите пропагандисти.
Второ, ако ова долго се вергла е штетно за земјата и ќе прави нови поделби.
Трето, ако тргнеме по таа приказна – многу аргументи зборуваат дека Ковачевски со постапките кои ги прави како да угодува на Истокот (не држи далеку од ЕУ со отсуството на реформи), а само намигнува на Западот (кажувајќи дека е „европејска власт“).
Сепак најважно е да нагласам дека штетата што власта ќе ја направи со новата делба што ја форсира ќе биде огромна и непоправлива. Оти повеќе од јасна е определбата на мнозинството македонски граѓани – ЕУ е местото каде што сакаат да ја видат Македонија.
Но единствената поделба што можам во моментов да ја прифатам, единствената разлика меѓу нив и сите нас е начинот како сакаме нашата држава да влезе во големото ЕУ семејство. Тие сакаат да влезат клекнати на колена, и со срозен идентитет и историја, а ние сакаме да влеземе со кренати глави и со јасен македонски идентитет.
Лошо е и за Брисел, а и за Вашингтон ако премолчено ја аминуваат намерната кампања на власта за поделби. Колку е умно за ЕУ и за САД, ако ДУИ и СДСМ со сите свои опашки се претставуваат како ексклузивни нивни западни промотори?
Оти сите ние сме за европските вредности, за сериозна борба против корупцијата, за поквалитетно здравство, подобрено образование, ефикасна администрација, дигитализација… Е токму овие вредности во владеењето на СДСМ и ДУИ отсуствуваа.
И сега во предизборието ќе ни отвораат опасни приказни: Запад – Исток, Лево – Десно, а всушност тие влегоа во тесно.