Историчари од регионот во поддршката за Македонија: Наметнувањето на „историските вистини“ е неприфатливо и опасно

Создавањето на македонската нација не се разликува од начините на кои настанале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право, се потенцира во протестот кој денеска го објавија иторичари од повеќе земји во регионот а кои се потписници на Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“.

Декларацијата „Да одбраниме историја“ е документ кој во јуни годинава во Белград потпишаа историчарите од државите во регионот – Србија, Хрвтаска, Црна Гора, Словенија и БИХ – и во кој тие се спротивставуваат на сите обиди за манипулација и злоупотреба на историографијата и за примена на објективни историски методи.

Во протестот овие историчари и професори се обединуваат против злоупотребата на историјата со која Владата на Република Бугарија ги блокираше преговорите меѓу Брисел и Скопје и ја попречи интеграцијата на Македонија  во ЕУ.

Текстот го пренесуваме во целост:

 Протест против злоупотребата на историјата во процесот на европските интеграции на Северна Македонија

Судирите околу историјата и историските симболи одново се важна политичка тема во Југоисточна Европа. Последните месеци владата на Република Бугарија се заканува со блокада на преговорите меѓу Брисел и Скопје, барајќи од Северна Македонија да ја прифати „историската вистина“ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација ја создале Тито и Коминтерната.

Тргнувајќи од ставовите изразени во Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“ ние потписниците на ова писмо изразуваме протест и осуда на овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата во политички цели.

Сметаме дека таквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионите, но и на самата Европска Унија. Наметнувањето на „историските вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начините на кои настанале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право.

Затоа бараме од историчарите во Северна Македонија и Бугарија, но и во сите земји од регионот, да бидат професионални и да се спротивстват на злоупотребите на својата дисциплина. Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги поддржуваат историчарите кои поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци кои доведеуваат до фалсификување на минатото.

Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребата на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија кои овие денови на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек протв сите лоши искуства од минатото и затоа не дозволуваме со искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обединета Европа.

Ние, потписниците на ова писмо им даваме поддршка на интелектуалците и историчарите во Северна Македонија и Бугарија отворено да се спротивстават на политичките притисоци и да се борат за заштита на својата професија и професионалните стандарди.

Само солидарни можеме да ги совладаме сериозните препреки кои стојат пред нас, стои во декларацијата.

 Потписниците најавуваат дека протестот ќе биде испратен до Брисел и на други адреси.

 

Претходна вестВладата смета дека би било неодговорно да си даде оставка
Следна вестИнспекторатот за животна средина има на терен во Скопје само пет инспектори