Историјата на независна Македонија е хронологија на страотни зулуми сторени од наши луѓе

Високо на листата круцијални грешки би ги навел Преспанскиот како и Договорот за добрососедство со Бугарија, кога на најсрамен и најподол начин на македонскиот народ му беше октроирана нечија туѓа волја…

Нашиот познат музички уметник Горазд Чаповски смета дека е голема чест и привилегија да живееш во земја каква што е Македонија, но како што вели таа не е средена како што треба.

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

 Прва асоцијација ми е секогаш сонце, нашето единствено македонско сонце, кое никаде не е ниту потопло, ниту појако, ниту посјајно. Кога живеев во Австралија, постојано се обидував да го пронајдам тоа исто сонце под кое сум роден и со кое сум израснал. Никаде не го најдов и никогаш не се навикнав на тоа тамошно туѓо, чудно сонце кое ниту грее, ниту свети како нашето. „Златно сонце, златно поле Македонија” како што вели еден стих од мојата песна”Велигден”.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години

– Историјата на независна Македонија е туробна, мачна хронологија на страотни зулуми, кои, за жал, ги сторија наши луѓе, најчесто сосема свесно и за “шака долари”. Сепак, ако морам да издвојам, прво би ја спомнал приватизацијата (таканаречена) како што еуфемистички се нарекува голиот грабеж на општественото добро, еден монструозен процес кој изнедри армија гладни очајници на една и грст крупни капиталисти на друга страна. Високо на листата круцијални грешки секако би ги навел и Преспанскиот како и Договорот за добрососедство со Бугарија, кога на најсрамен и најподол начин на македонскиот народ му беше октроирана нечива туѓа волја, со што, малку по малку, грото Македонци станаа само неми статисти во нечиви валкани, длабоко перверзни филмови.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

– Ако нешто секогаш било иманентно на моето творештво, тоа е секако мојата татковина Македонија. Не постои рецензија, критика, осврт или било што напишано надвор од нашата земја каде што не е потенцирано дека јас сум македонски музичар, а Мизар македонски бенд. Особено сум горд на фактот што првиот албум на Мизар е воедно и првиот албум на популарна музика снимен на македонски јазик. Тоа е голема работа, тоа е историја. Не знам дали било доволно или не тоа што сто сум и го дал на Македонија, но знам дека се што сум и дал било дадено со полно срце и без никакви калкулации.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Голема чест и привилегија е да живееш во земја во која каде и да копнеш излегуваат безброј артефакти стари илјадници години. Од неолитски населби, преку неброени антички градби па се до ремек-делата на христијанската уметност. Цела Македонија е еден огромен но, за жал, запуштен музеј. Македонија е митско место, верски и политички, географски и стратешки папок на светот, место со огромна количина историја по глава на жител.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

– Она што најмногу и недостасува на Македонија, е стабилен, мериократски општествен систем. Во земјава владее тотална општествена дезориентираност што резултира со огромна морална и естетска провалија во која доминира омраза, примитивизам, алчност и конформизам. Фаворизирање на шундот и треш културата, вулгарната забава и кич религијата делуваат како силен анастетик на сиромашната и фрустрирана популација со која лесно се владее и манипулира.

Во каква Македонија сакате да живеете?

– Посакувам да ја видам Македонија, стамена и цврста, Македонија горда  и спастрена, Македонија независна и единствена. Сакам Македонците конечно да живеат нормален, достоинствен живот во својата земја како свои на своето.

 

Не можеш да гласаш за некој што ветува дигитализација, а три децении не направил канализација

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

– Има голема вистина во онаа позната изрека која вели дека секој народ има власт каква што заслужува. Ако граѓаните постојано гласаат за едни те исти неранимајковци, не можат да очекуваат ништо повеќе од дива депонија од која постојано чади токсичен оган. Затоа, прстот на чело, одговорноста е на секој од нас. Не можеш да гласаш за некој што ти ветува дигитализација, а три децении не направил канализација.

 

Претходна вестЕурофарм Пелистер поразен на првиот меч во ЕХФ Европската лига
Следна вестЕУ пак ни кажа дека многу не’ сака, ќе стигнел и датумот