Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е прогласен за виновен по сите 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја, објави вчера 12-члена порота во судот на Менхетн. Се работи за случајот во кој Трамп имал за цел да го прикрие поткупот што ѝ го исплатил на поранешната ѕвезда во филмови за возрасни Сторми Даниелс, непосредно пред претседателските избори во 2016 година.
Со ова, Трамп стана првиот американски претседател кој е осуден за кривично дело кое содржеше 34 обвиненија. За време на објавата со која се потврди неговата вина, Трамп мирно ги посматрал поротниците.
Пресудата ќе биде изречена на 11 јули.
Против поранешниот претседател се поднесени уште три обвиненија, но тие судења не се очекува да се одржат пред изборите во ноември. Трамп се изјасни за невин и за тие случаи.
Реагирајќи на пресудата пред судот во Њујорк, поранешниот претседател Доналд Трамп за „Ројтерс“ изјави дека не ја прифаќа одлуката, т.е. дека е невин и дека вистинската пресуда народот ќе ја донесе на 5 ноември.
-Вистинската пресуда ќе биде на 5 ноември од народот. Ова беше фиксна одлука од првиот ден, од корумпиран судија. Не направивме ништо лошо, јас сум невин човек. Ќе продолжиме да се бориме. Ќе се бориме до крај и ќе победиме, рече Трамп.
Поранешниот американски претседател се товари дека преку својот адвокат ѝ исплатил 130.000 долари на Сторми Даниелс за да молчи за нивната наводна афера пред изборите во 2016 година. Тие пари во документите ги претставил како трошок за адвокат. Поранешниот адвокат на Трамп Мајкл Коен сведочел дека тој лично ги вршел исплатите на Даниелс.
Трамп се изјасни за невин во сите четири случаи и тврди дека тие се дел од пошироките напори на сојузниците на демократскиот претседател Џо Бајден да ја поткопаат неговата кандидатура.
Инаку, ова формално не го дисквалификува Трамп да се кандидира за претседател.