Истражување на „Конрад Аденауер“: 70 отсто од граѓаните не можат да изберат најпозитивен настан во 30 години независност

Борис Трајковски, Киро Глигоров и Никола Кљусев се најпопуларните политичари во изминатите три децении, оцениле испитаниците опфатени со истражувањето на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за општествени истражувања „МК91“, по повод 30 години од независноста на државата.

Од вкупниот број испитаници, 42 проценти дале највисока оценка 5 за поранешниот претседател Борис Трајковски, 33 проценти дале оценка 5 за поранешниот претседател Киро Глигоров и 21,1 процент дале петка за поранешниот премиер Никола Кљусев.

На прашањето кој настан би го избрале како најпозитвен, дури 70 проценти од испитаниците не можат или не знаат да одберат настан во изминатите 30 години, како и 56,8 проценти од испитаниците кои не можат или не знаат да одберат кој настан е најнегативен изминатите три децении, велат од фондацијата „Конрад Аденауер“.

Од ониее кои избрале,како најпозитивнo нешта изминатите три децении гo посочуваат стекнувањето на независноста на државата (15 проценти), а како најнегативен  криминалот и корупцијата (12,7 проценти).

Поддршка за Охридскиот рамковен договор даваат 46,3 проценти од испитаниците, 38,5 проценти го поддржуваат потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, а 41,5 проценти Преспанскиот договор.

Членството во НАТО го поддржуваат 59,8 проценти, а 38 проценти позитивно го оценуваат процесот на евроинтеграција.

Во однос на западните држави-сојузници, највисоки оценки има за Германија (69.5 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење за неа) и за САД (57.4 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење).

Позитивни оценки добиле и Кина (60,2 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење), Русија (61,6 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење) и Турција (79,5 проценти имаат добро, многу добро или одлично мислење).

Истражувањето е спроведено во август и со него се опфатени 1.110 испитаници.

Претходна вестУтре и задутре посебен сообраќаен режим во Скопје – доаѓа фон дер Лајен
Следна вестОд модуларната болница во Штип избегал 84-годишен пациент