Во текот на првата недела од 2024 година, од 1 до 7 јануари, во земјава се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип. Тоа е 2,5 пати повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со прва недела од минатата сезона, е зголемен за 24,8 проценти, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
-Во текот на првата извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ на РСМ, пристигнаа 37 материјали. Детектиран е 21 позитивен случај на Инфлуенза, 19 А(Х1)пдм09 и по еден Инфлуенза А(Х3) и Инфлуенза А – несубтипизиран. Регистриран е и по еден пациент со респираторен синцицијален вирус (РСВ) и САРС-ЦоВ-2. Пријавената инциденца за првпат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно достигнат е прагот на влез во сезоната на грип, наведуваат од ИЈЗ.
Во однос на возрасната дистрибуција, 544 лица се на возраст од 15-64 години, 233 кај деца на возраст од 5-14 години, 185 кај деца на возраст од 0-4 години и 63 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
– Заболените се пријавени од 18 ЦЈЗ/ПЕ, во Скопје – 269, Дебар – 188, Гостивар – 114, Штип – 107, Битола – 104, а во останатите, бројот на пријавени е ≤100. Во осум извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во шест сезонска, во три средна, а во една, Дебар, висока активност на вирусот на грип. Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 56 и 61 години од Скопје и Куманово, кои биле хоспитализирано во УК за пулмологија и алергологија. Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети – кардиоваскуларни и белодробни и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Инфлуенза А(Х1)пдм09, додаваат од ИЈЗ.
Од Институтот повторуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Заклучно со првата недела од оваа година вакцинирани се вкупно 60.766 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.