Лазаров: Ако на некој меч имаме некаква шанса, тоа е против Швајцарија, треба да излеземе на терен со чисти глави

Македонската ракометна репрезентација вечер ќе го има својот последен настап на Европското првенство во Германија. Противник на избраниците на селекторот Кирил Лазаров, ќе биде репрезентацијата на Швајцарија. Во првите две кола, Македонците забележаа два пораза, од Франција и од Германија, додека Швајцарците успеаја да изигра нерешено со Франција.

Селекторот Кирил Лазаров смета дека сепак има каква таква шанса за победа.

– Швајцарија завчера против олимпискиот првак Франција го покажа тоа што го зборуваме цело време, дека е квалитетна репрезентација, 60 минути играа добро. Имаа големи амбиции, очекуваа победа над Германија во првото коло. Силен тим се со екстра индивидуалци, за Енди Шмид не треба да се трошат зборови, тука е Зендер, првиот стрелец на Бундеслигата, голманот на европскиот првак Магдебург, Портнер, имаат и други одлични играчи. Нè очекува тешка работа. Но, ако на некој меч имаме каква таква шанса за успех, тоа е секако овој, изјави Кирил Лазаров пред мечот.

Најважно за Лазаров е репрезентативците да излезат со чисти глави зад себе да ги остават поразите и да се покажат во најдобро светло.

– Во ист хотел сме со Швајцарците, им го знаеме менталитетот, тие беа воодушевени од нашата игра со Франција, но секој ден е нов ден, ништо не се знае однапред. Видовте Хрватска победи со 10 гола разлика над Шпанија, па ремизираше со Австрија. Треба да излеземе на терен со чисти глави, да дадеме максимум и да се надеваме дека ќе победиме, вели Лазаров.

Од А-групата, Германија веќе обезбеди пласман во следната фаза, додека Франција само чудо може да ја спречи да не оди понатаму. Швајцарците ќе се надеваат на победата над Македонија со голема разлика и на што повисок пораз на „триколорите“ па со евентуална подобра гол-разлика да ги поминат на табелата.

Македонците кои се без ниту теоретски шанси за да ја поминат групата, посакуваат со позитивен резултат да го завршат ЕП и како третопласирани во групата да си обезбедат подобра позиција во мундијалските квалификации.

Натпреварот ќе се игра во Берлин вечер со почеток во 18 часот.

Претходна вестИЗЈ: Зголемен бројот на заболени од грип, во првата недела од јануари 1.025 случаи
Следна вестНијаз Јусуфи повеќе не е дел од ФК Вардар