ИЗЈ: Зголемен бројот на заболени од грип, во првата недела од јануари 1.025 случаи

Во текот на првата недела од 2024 година, од 1 до 7 јануари, во земјава се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип. Тоа е 2,5 пати повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со прва недела од минатата сезона, е зголемен за 24,8 проценти, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

-Во текот на првата извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ на РСМ, пристигнаа 37 материјали. Детектиран е 21 позитивен случај на Инфлуенза, 19 А(Х1)пдм09 и по еден Инфлуенза А(Х3) и Инфлуенза А – несубтипизиран. Регистриран е и по еден пациент со респираторен синцицијален вирус (РСВ) и САРС-ЦоВ-2. Пријавената инциденца за првпат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно достигнат е прагот на влез во сезоната на грип, наведуваат од ИЈЗ.

Во однос на возрасната дистрибуција, 544 лица се на возраст од 15-64 години, 233 кај деца на возраст од 5-14 години, 185 кај деца на возраст од 0-4 години и 63 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

– Заболените се пријавени од 18 ЦЈЗ/ПЕ, во Скопје – 269, Дебар – 188, Гостивар – 114, Штип – 107, Битола – 104, а во останатите, бројот на пријавени е ≤100. Во осум извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во шест сезонска, во три средна, а во една, Дебар, висока активност на вирусот на грип. Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 56 и 61 години од Скопје и Куманово, кои биле хоспитализирано во УК за пулмологија и алергологија. Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети – кардиоваскуларни и белодробни и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Инфлуенза А(Х1)пдм09, додаваат од ИЈЗ.

Од Институтот повторуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Заклучно со првата недела од оваа година вакцинирани се вкупно 60.766 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

Претходна вестЗабраната за македонското знаме била ненамерна грешка, огранизаторите на Австралија Опен се извинија
Следна вестЛазаров: Ако на некој меч имаме некаква шанса, тоа е против Швајцарија, треба да излеземе на терен со чисти глави