Што бидна со истрагата за грозоморната афера на Онкологија?

Толку многу афери има во Македонија што дури и големите се подзабораваат иако неодамна беа. Да ве потсетиме на една таква – клиниката за онкологија и страшното манипулирање со терапијата наменета за тешко болните од карцином. Еј, излезе во јавноста дека дури на некои пациенти им давале физиолошки раствори, а вистинските лекови се препродавале на трети лица.

И, до каде е расветлувањето на оваа афера која ја згрози македонската јавност?

Веќе пет месеци трае истрага на Јавното обвинителство, но епилог нема. Запнаа и пратениците, работеше и посебна собраниска Анкетна комисија, но од неа не произлегоа единствени туку различни заклучоци во зависност дали се од страна на членовите делегирани од власта или оние од опозицијата.

Па можно ли е вака полека, полека да се турне во заборав големиот скандал во кој имаше и нечовечност и кој значеше уривање на дигнитетот на медицината и внесување на огромен сомнеж во македонското здравство?

Од Јавното обвинителство веќе подолго време нема никакви нови информации околу тоа во која фаза се наоѓа истрагата. Од последните изјави и соопштенија јавноста дозна дека речиси се собрани сите потребни доказни материјали.

– Доказите се веќе обезбедени и се прави темелна истрага, која е проширена и во Косово и во Албанија. Се проверуваат голем број медицински истории на пациенти што примале биолошка терапија, потоа историите на сите пациенти што побараа да биде разгледан и нивниот третман поради определени сомненија, како и медицинските истории, кои беа повод за новинарските истражувања. Кривичен прогон ќе има против сите за кои постојат докази, изјавуваше уште во октомври обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска, која го води предметот.

Следеа потоа и други официјални соопштенија на ЈО дека се прибрани материјали од Државен завод за равизија, од Фондот за здравство… но, истрагата уште трае. Во номеври, дури и министерот за здравство Фатмир Меџити јавно побара истрагата што побрзо да заврши.

– Ќе упатам апел до Обвинителството дека крајно време е веќе да излезат со конкретни факти кој се огрешил, кој не се огрешил, рече тогаш министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Колку брза обвинителството засега е нејасно. Не е јасно и што ќе се случи со резултатите од долгата и бурна работа на собрансиката Анкетна комисија.

Птарениците повикуваа бројни сведоци но, на крајот, претставниците на опозицијата и на власта во неа, излегоа со различни и неусогласени заклучоци. Во оние што ги прочита претседателката Рашела Мизрахи се бараше одговорност од повеќе лица, а кои беа наведени по име и презиме. Членовите на Комисијата од редовите на СДСМ, пак, излегоа со свои заклучоци во кои пред се се апелираше да се расчисти случајот.

И така… времето поминува, а во тој период се чини тешко се разболе и потрагата по вистината и правдата. 

Од таа болест Македонија многу страда. За неа лек не треба да се бара во медикаменти, туку во вистински обвинители, судии, полицајци…

Претходна вестНиколовски за роднините во М-НАВ: Чичко ми е вработен таму пред да се родам, а внукот е школуван во Јапонија, зарем тоа ви е најбитната тема?
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски молчи пред семејните вработувања на функционерите на ДУИ во М-НАВ затоа што се плаши