Алармантно: За 40 проценти зголемен бројот на загинати лица на работно место во 2023 година

Извршувањето на обврските на работното место за многу македонски работници одамна стана ризично. Недоволна безбедност на работното место, пропусти во придржувањето на мерките за заштита, недоволна заштита, невнимание… резултираат со бројни повреди на работни места, но и со смртни случаи.

Директорката на Државниот инспекторат за труд (ДИТ) Весна Томовска на вчерашниот брифинг изнесе алармантен податок – лани се зголемил бројот на загинатите работници во Македонија.

-Лани на работно место загинале 17 лица. Бројот на несреќи при работа со смртни последици во 2023 е покачен во споредба со оној во 2022 година, кога на работа загинале 12 лица. Но, во 2019, 2020 и 2021 година, бројот на загинати лица бил 17, односно ист како и лани, информира Томовска.

Бројот на колективни повреди во 2022 година бил 15, што е повисок од бројот на повреди во 2023 година. Ова зголемување на бројката на несреќи со смртни последици е резултат на тоа што сè уште треба да се работи на подигнување на свеста кај работниците за носењето на личната заштитна опрема, посебно кога станува збор за ризичните дејности, односно градежништво, каде што најчесто се случуваат несреќите со смртна последица, изјави директорката на ДИТ.

Според неа, треба да се обрне внимание на почитувањето и на спроведувањето на мерките за безбедност и здравје при работа од страна на работодавците.

-Преку кампањи ќе се дигне свеста кај работниците за значењето за носењето на личната заштитна опрема. Дополнително, би им се укажало на работодавците да вложуваат во квалитетни системи за безбеднот и здравје при работа. Безбедната и здравата работна средина доведува до поголема продуктивност од страна на работниците, посочи Томовска.

Дали ова ќе најде на прифаќање од страна на работниците и на работодавците останува да се види. Но, со ова треба да се загрижат сите, како работниците и газдите така и трудовите инспектори кои треба да го санкционираат секое непридржување до прописите.

Инаку, градежништвото е и натаму најризична дејност, а тука се и земјоделие, преработувачката индустрија… Минатата година експерти по трудово право укажаа на опасноста од донесените законски промени, врзани со градбата на автопатиштата во земјава од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“, со кои е овозможено да се работи повеќе од 40 часа неделно, а што може да создаде ризик од повреди и смртни случаи.

Претходна вестНАСА откри мистериозен сигнал надвор од нашата галаксија
Следна вестПрепорака за задолжително носење маски во здравствените институции и во домовите за стари лица