Изложбата „Првиот скопски партизански одред“ вечерва во Музејот на Град Скопје

Музеј на град Скопје по повод 13-ти ноември Денот на ослободување на Скопје, организира изложба со наслов “Првиот скопски партизански одред” од авторот Валентина Петровска.

Изложбата ќе биде отворена во Музеј на град Скопје вечерва со почеток од 20:00 часот.

Прв скопски народноослободителен партизански одред беше прва партизанска единица на НОВ во Македонија. Формиран е на 22 август 1941 година кај месноста Чифлик во близина на Скопскиот градски парк и опстојува до 2 ноември 1941 година кога се самораспуштил. Прв командант на одредот бил Чедомир Миленковиќ, а потоа, од 18 до 31 октомври, Љубомир Лековиќ, а политички комесар на одредот бил Даме Крапчев. За време на постоењето на Одредот, во него, континуирано или повремено, се бореле 42 борци од кои 17 загинале во текот на НОВ. По војната, тројца борци од одредот (Раде Јовчевски – Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски) се прогласени за народни херои на Југославија.

Одредот е формиран по одлуката за почеток на вооружената борба, донесена на илегалното Јунско советување на Скопската организација на КП во Македонија (одржана во Козле на 22 јуни 1941). Одредот бил формиран од 12 или 13 борци, главно од составот на петте дотогашни скопски диверзантски групи. Во неговиот борбен пат му се приклучиле вкупно 42 борци, со мешовит национален состав – Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси.

Веднаш по формирањето Одредот извршил диверзија на рудникот Радуша, по што заминал на Водно. По судирот на Боро Петрушевски со бугарската полиција и по апсењето на курирот, Боса Ѓурашковиќ на 8 септември, на 9 септември се префрлил во старата диверзантска база покрај Вардар, а оттаму следниот ден се префрлил на Скопска Црна Гора, каде што престојувал во малата пештера Лазаров Камен кај селото Чучер (од 11 септември до првата половина на септември) и во манастирот „Благовештение“ (од 18 септември до средината на октомври).

На 28 септември во месноста Горне Бавче бил одржан заеднички состанок на активистите на народно-ослободителното движење од селата во Скопска Црна Гора, бил формиран првиот македонски местен народно-ослободителен одбор во селото Чучер (4 октомври), ги испробале илегално изработените рачни бомби во Скопје, ги испитале објектите на железничката линија во Качаничката Клисура за евентуално минирање, убиле еден шумар (30 октомври) и воделе борба со бугарската војска во реонот на Ѓорче Петров. На 7 октомври борци од одредот извеле акција за ликвидирање на бугарските полициски агенти Мане Мачков и Круме Панков – Кросот, во која загинал Благоја Деспотовски – Шовељ, а Александар Смилковски бил уапсен. На 18 октомври, во месноста Бела Вода, од десната страна на реката Лепенец, борците на одредот положиле заклетва.

Отежнатите услови за дејствување од притисокот на бугарската војска и полиција, како и претстојната зима и пресметката на окупаторот со кумановските одреди (Козјачкиот и Карадачкиот) и Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, во Штабот на Одредот предизвикале колебања во однос на продолжувањето на дејствувањето на Одредот. На 2 ноември 1941 година била донесена одлука за привремено расформирање на одредот, по што одредот е расформиран кај с. Злокуќани, Скопско.

Претходна вестИ во недела им се брзало: Казнети 230 возачи, секој втор возел пребрзо
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Хибридниот режим преку заробеното судство осуди пратеник за искажан став во Собрание