„Изолираната“ Србија ќе ни даде 8.000 вакцини, ветените од пријателските Грција и Бугарија ќе ги почекаме

Вкупно 8.000 дози вакцини против корона вирусот на производителот „Фајзер/Бионтек“ ќе добие Македонија од Србија чија испорака треба да се реализира наскоро. Србија била подготвена да ги донира вакцините, меѓутоа, договорот на крај бил нашата земја да ги плати по набавната цена. Ова денеска го соопшти македонскиот премиер Зоран Заев кој информира дека во телефонскиот разговор српскиот претседател Александар Вучиќ ја поднули помошта со цел и кај нас да започне вакцинацијата.

Сето ова треба да се реализира во наредниот период откако Србија ќе добие испорака на нови 19.500 дози на вакцини на овој производител. Помошта на соседна Србија се случува во период кога Македонија веќе со недели чека на донации на вакцини кои и беа најавени од соседните земји Бугарија и Грција, но кои досега не се реализираа. Од Бугарија минатиот месец се најавуваше дека за Македонија ќе издвојат одреден број на дози вакцини веднаш штом ќе ги добијат но тоа не се случи иако во таа земја започна вакцинацијата. Донација на вакцини се очекуваше, исто така, и од соседната Грција но ни и таа досега не се реализира иако оваа земја завчера почна со масовна вакцинација на граѓаните. 

Македонија се уште чека да и бидат испорачани вакцините од „Фајзер/Бионтек“ откако е нарачан котигент од преку 800.000 дози. Најавата беше дека првите 5850 дози вакцини од „Фајзер” ќе стигнат во февруари, во март треба да стигнат уште 17 550 и најмалку уште толку во април. Се чека датум кога ќе стигнат и 833-те илјади дози преку Ковакс-механизмот.

Од соседната Бугарија се уште нема официјално објаснување зошто не се реализира најавената донација на вакцини за Македонија. Таа беше договорена при минатомесечната посета на македонскиот министер за здравство Венко Филипче на Софија. Албанскиот претседател Еди Рама деновиве соопшти дека Македонија од Бугарија требала да добие вкупно 100 дози вакцини кои се доволни за вакцинирање на само 50 граѓани.

Сепак добро е што Србија е подготвена да помогне иако што би рекле нашите политичари е „ меѓународно изолирана земја“ додека Македонија влезе во НАТО за да не биде меѓународно изолирана и сама.

Претходна вестНикола Димитров го доби датумот…, за интерпелација
Следна вестМВР се пофали: Казнет е пратеник кој зборувал на телефон додека возел