Никола Димитров го доби датумот…, за интерпелација

Интерпелација за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров ќе биде една од точките за која на денешната седница ќе расправаат пратениците во македонскиот парламент.

Интерпелацијата е поднесена од повеќе од 30 пратеници од опозициските партии во парламентот во декември минатата година. Опозициската ВМРО ДПМНЕ му забележува на Димитров дека со своето недоаѓање на комисиска расправа, покажал непочитување на Собранието. Секретаријатот за европски прашања е пасивен и без отчет за првите 100 дена, а третата причина за интерпелацијата е заблудата во која е доведена јавноста со тврдењето на Димитров дека Македонија има одлука за старт на преговорите со Европската унија.

-И покрај уставната обврска каде е наведено дека секој член на владата за својата работа одговара пред Собранието, како и европската демократска пракса дека секој член на владата има обврска да се одзве на поканата на работните тела на Собранието и да размени мислење, да одговори на прашања или да реферира за својата работа, вицепремиерот Никола Димитров два пати ги одби уредните покани за присуство на Комисијата за надворешна политика, а во врска со темата македонско-бугарски односи и нивниот контекст за европските интеграции. Неговото образложение дека не дошол на седниците на Комисијата од страв да не го загрози неговото здравје беа само дополнителна девалвација на пратениците како избраници на народот, а исто така и потценување на работата на сите пратеници и министри кои секојдневно учествуваат во работата на Собранието, изјави по поднесувањето на интерпелацијата Антонио Милошоски, пратеник.

Според него, Димитров во неколку наврати ја манипулираше јавноста, но и Собранието, дека се решени споровите со сите соседи и дека како резултат на тоа државата добила безусловна одлука за датум за почеток на преговорите со ЕУ, и дека во текот на 2019-та односно во текот на 2020-та година ќе се одржи и првата македонско-европска меѓувладина конференција. 

Претходна вестКазнети 412 лица поради неносење маска
Следна вест„Изолираната“ Србија ќе ни даде 8.000 вакцини, ветените од пријателските Грција и Бугарија ќе ги почекаме