Ја прославија независноста, а стануваме се позависни

Колумна на Владимир Величковски: 

Уште една година почнува без учебници за основците. Посериозно е прашањето какви содржини се внесени во нив. Секој нов партиски (главно некомпетентен) министер предлага за реализација нова, скапа реформа за да се предизвика нова конфузија и нова драма, наместо да се учиме на финскиот модел и култура. Се во стилот почни незаврши, грабни народни пари, а без никаков резултат (дали ќе ги дочекаме и коридорите 8 и 10?). Не просветлија, премиерно со „мислата“: правењето учебник било комплексна работа. Како ќе се формираат младите кои имаат свои потреби и цели во животот? Секако од преобилната трауматична реалност, како и со заминување од земјата.

Најмногу слушаме за меѓуетнички и меѓукултурен криминал. Меѓупартиската спротивставеност се изразува и за отворање на Уставот и почеток на преговорите со ЕУ. Опозицијата, со доаѓање на власт ќе го објавела својот „патриотски предлог“ ! Национал-шовинизмот е препознатлив, како во бугарското, така и во албанското агресивно делување на македонска територија. Европските мисионери остануваат и глуви и слепи на таквото примитивно поведение. Прерано ја лансираа паролата: Ние сме Европа. Искрено, поевропски се чувствував многу порано отколку сега. Патриотизмот не се изразува само на збор, на партиски митинзи и ограничувачка лицемерна самобендисаност туку со конкретни дела, со градење и заштита на националниот идентитет и култура. Зошто  во село Ратево не направивме музеј во чест на Мис Стон и четата на Јане Сандански? Од куќата останал само еден оштетен ѕид. Во близина е востаничкото Разловци и Домот на култура на арх. Георги Константиновски, како и славното женско и машко оро „Копачка“ од Драмче. Факт е дека повеќе градови се обезличени особено во западниот дел на Македонија – се до Струга.  

По дилетантски згрешената дипломатија, на штета на државата и народот дури сега, постфестум се одржува собир за „култура на  дипломатијата“. Затоа, пак, онака инстинктивно (со живот под елементарното ниво на животните) и во континуитет разививаме „култура на некултурата“, но секако „култура на ѓубрето“ кое ем гнаси, ем смрди и заедно со запалените депонии ни го краси градот, особено на оние „скопјанчиштана“ – всушност збирштина од сите македонски градови. Видовте ли како некои млади музицираат и ја кршат кантата за ѓубре, или како ги крадат цврстите штици од тркалезните клупи, како измачуваат животно. Наместо да ги решаваат „црните дупки“ низ градот (мостот „Беласица“ итн.) било поднесено барање да се врати (инаку грдиот) „монумент“ на „Ќосето“. Се спомнува некакво ресетирање на системот, но со кого и како? Вистинска фатаморгана. Што се случи со поранешниот ентузијазам и морална одговорност? Како да се издигнеме до човечка гордост и достоинство, до национално единство? Како да сме во застоено мочуриште, уморни без никаква идеја ниту воља за промена. Одамна е познато во какви услови се најде здравството. Најновиот скандал е тешко злодело а станува збор за замена на цитостатици со користење на физилошки раствор. Власта неочекувано, загрми: да се казнат виновниците и тоа, внимавајте, без оглед на која „света“партија припаѓале. Тоа не се сфати како охрабрување туку како уште еден избиен „бушон“ од правилото. Трагичното и партизираните моменти некако се помешаа. Болните од канцер почнаа протести пред владата која си поигрува и со болните од цистична фиброза, со дијабетичарите итн. Сите, впрочем протестираат и „пензионерите маршираат“ што прозвучи смело и гордо, но власта, која не наоѓа пари за нив си дозволува неодговорно трошење и луксузирање, приватно користење на државни возила итн. Тивко ќе се пожалат: немаме за леб, ниту за едно чоколадо да им купиме на внуците. Жално. Може да се види грижа за внукот, од баба и дедо, ама ретко кој, нив сака да ги прошета. Осаменоста е, секако човековата судбина, но добро би било да се негува грижата еден за друг.

Негуваме култ на врева (не само од треси прозорци музика) и на конфузија, бомбардирани од постојаното рекламирање на сенешто, а луѓето немаат што да јадат. Опкружени сме со кич дела и кич-луѓе. Не знам што е пожално, лошиот „монументализам“ или вербалниот графити вандализам (на англиски и албански јазик) со ишарани грди пораки насекаде па и на мостот „Око“ и врз Археолошкиот музеј на Македонија. Тоа е уште еден пример на смислен „говор на омраза“ за да можат со нови уцени, коалициски да миноризираат се што е – македонско. Ставија рака на  правосудството, за да го симнат до криминалното дно, како и дискриминирачките замисли во образованието, чудните „реформи“во здравството итн. Кој седи во законодавниот дом? Можеби и криминалци кои ќе бидат амнестирани со новите измени на Кривичниот законик, испазарен и контроверзен акт. Се отворија портите за неказнивност. Го прославија историскиот ден на независноста, а преовладува чувството дека стануваме се позависни.

Претходна вестМицкоски му одговори на Груевски: Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да се спротивставам
Следна вестОбвинет тинејџер, споделувал експлицитно видео од малолетничка