Јадно, не можат среде Карпош дива депонија од пиромани да заштитат

Огромната дива депонија во Карпош до салата Борис Трајковски денеска пак гореше и загадуваше. Но, скопјани не се изненадени многу од тоа. Скопјани не се изненадени и од објаснувањата на градоначалникот на Карпош Стефан Богоев дека депонијата била исчистена ама ете некој пак ја наполнил и запалил. Впрочем, други градоначалници така се правдаат и за огромната депонија-Вардариште во Гази Баба.

Но, тоа што не се изненадени изгледа не значи дека скопјани и не се лути што секогаш добиваат вакви одговори, како и по некое ветување дека ситуацијата ќе ја средат.

-Како може да не ги фатат пироманите? Како може да им доаѓаат со камиони да им носат ѓубре среде општина и да не ги фатат спречат и казнат, прашува скопјанец преку социјалните мрежи.

Во прашањата се придружува и „Скопско Ехо“: колку напор и средства и треба на општина Карпош за да ја обезбедат депонијата додека не ја претворат во зеленило како што ветија? Кој е виновен што на просторот кај аква-паркот се уште има депонија и до каде е паркот, нели требаше до сега да шетаме по него? 

За потсетување, во март годинава општина Карпош најави дека во соработка со Градот Скопје таму ќе направи парк со површина 60.000 метри квадратни. Тогаш бил и распишан конкурс за идејно решение кој траел до 16 март. Беше најавено и дека ќе почнат подготвителни работи за рамнење на теренот…

Засега теренот најревносно го рамнат пироманите.

Претходна вестВо среда пак прскање на комарците, ќе биде ли успешно?
Следна вестЗаскитан куршум му ја скратил прошетката низ Арачиново, завршил во болница