За тоа се одговорни домашните кодоши, рече кандидатот за претседател Стевчо Јакимовски, кој во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 беше прашан дали од денешна перспектива му е појасно зошто САД го ставија на „црната листа“
Нема зошто да им се додворувам на САД, рече кандидатот на коалицијата „Храбро за Македонија“ за шеф на државата, Стевчо Јакимовски, кој гостувајќи во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека САД се гарант за постоењето на Република Македонија, па го испровоцира прашањето – дали со ваквата реторика им се додворува на САД поради тоа што се најде на нивната „црна листа“.
Јакимовски дополни дека би било премногу опасно Македонија да не биде дел од ниту еден интегративен процес.
-Нема зошто да им се додворувам. Нивната политика е за големи критики и таа трпи критики и треба да трпи критики. Секоја држава се труди да биде дел од некои интегративни процеси. Русија, која е земја доволна сама на себе по енергетски, суровински и технолошки развој, гледате дека прави сојуз што се вика БРИКС или го прави тој воен сојуз што се вика Шангајска организација на соработка. Република Македонија, како мала држава, која има помалку од два милиона жители, да не биде дел од ниту еден интегративен процес е премногу опасно,смета Јакимовски.
Прашан дали од денешна перспектива му е појасно зошто САД го ставија на „црната листа“, Јакимовски рече дека уште од почетокот му било јасно дека за тоа се одговорни „домашните кодоши“.
-Тие таа работа ја прават во континуитет, да оцрнат одредени политичари кои нив не им се допаѓаат сметајќи дека ние сме некаква опасност за американската политика, што апсолутно нема никаква смисла,рече тој.
Јакимовски потенцира дека Македонија мора да биде дел од НАТО, но нему не му се допаднал начинот на кој сме се зачлениле во таа организација.
-Кога ја нема Југославија, гарант за постоењето на Република Македонија се Соединетите Американски Држави и ние реално мораме да бидеме дел од тој сојуз и мораме да бидеме дел од НАТО-структурите. Јас никогаш не сум бил против НАТО-структурите, туку сум бил против начинот на кој ние треба да дадеме жртва за да бидеме дел од НАТО-структурите, а јасно беше дека и под референцата ПЈРМ ќе бевме членка на НАТО заради подготовките за оваа страшна војна што се случува во Украина, вели Јакимовски.