Каде завршуваат укажувањата од Антикорупциската комисија?

Корупцијата и неконтролираното трошење државни пари го разјадуваат македонското општество. Власта вели дека многу се бори против таа напаст. Ама…

Државните антикорупционери вчера одново предупредија на непотребни трошења на државни пари. Пресметале дека само за последните три години Владата потрошиле пет милиони евра за изнајмување на возила на лизинг при што бил фаворизиран еден ист економски оператор. Антикорупционерите препорачаа да се преиспита ваквото изнајмување на коли, да се види дали е секогаш оправдано…

Препораката е испратена до заменик премиерката за политики за добро владеење Славица Грковска која сега треба да направи она што антикорупционерите бараат. Дали така и ќе биде останува да се види.

Досегашните примери на постапувања на надлежни државни органи по укажувањата на антикорупционерите не се баш охрабрувачки. Претседателката Билјана Ивановска во јануари годинава се пожали дека од 18 иницијативи кои во изминативе три години ги доставиле до Јавното обвинителство само за две се постапува. Таа тогаш побара ЈО да постапува поекспедитивно, но…

Очигледно е дека бројните предмети, укажувања, пријави… што ги поднесуваат антикорупционерите не добиваат соодветен одговор од надлежните државни институции. Најчесто се стават во нечии фиоки и се забораваат. Зошто институциите коишто ги добиле не постапуваат по нив?

На Македонија и треба борба против корупцијата, а не антикорупциска комисија со чие постоење власта мисли дека си го завршила делот во борбата со корупцијата.

Претходна вестЕлектричен кабел го предизвикал пожарот во АДСДП
Следна вестПијана негователка во Домот за доенчиња и мали деца во Битола врзала едно од децата за кревет