На локалните избори на 17 октомври, како и во вториот круг на 31 октомври, ќе се применуваат истите мерки за превенција од ковид-19 како на претходните избори. Но, гласањето, како што потврдуваат од ДИК, ќе почне во 7 часот, а ќе заврши во 19 часот, за разлика од ланските предвремени парламентарни избори, за кои гласањето беше продолжено за два часа, односно траеше до 21 часот на 15 јули 2020 година. Тогаш, изборите се спроведуваа во три наместо во два дена, со тоа што два ден пред денот на изборите гласаа лицата во изолација поради ковид-19.
Но, на овие избори лицата што се во изолација ќе може да го остварат своето избирачко право во своите домови, еден ден пред изборниот термин, односно на 16 октомври, кога треба да гласаат и болните и изнемоштени и лицата кои се во затвор или во притвор.
Новина на овие избори се терминалите за идентификација на гласачите. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, денеска посочи дека не може да каже однапред како ќе функционира новиот систем, затоа што немало пилот-примена за да се испроба пред да биде ставен во употреба.
Едукацијата на избирачките одбори, но ќе има уште еден циклус обуки за употребата на терминалите, за што е подготвено упатство за работа со нив и изготвено видео.
На денот на изборите ДИК бара да има околу двесте ИТ-инженери кои ќе им помагаат на луѓето што управуваат со опремата. Компанијата која ги испорачува апаратите, исто така, има ангажирано 80 луѓе, кои исто така ќе им помагаат на ИТ-тимот во ДИК и на избирачките одбори.
Заклучениот Избирачки список е веќе даден на печатење, а веќе се печатат и гласачките ливчиња. Даштевски најави дека членови на ДИК најверојатно утре ќе одат да проверат како се одвива печатењето.
Избирачкиот список треба да биде потпишан најдоцна до 1 октомври.