Колумна на Никола Тасев:
Очекував дека пратениците на СДСМ и ДУИ, откако го одбија продолжувањето на рокот за замена на патните исправи, ќе извадат некој џокер од ракав и ќе понудат решение што ќе ги ослободи граѓаните од државниот притвор, што им го наметнаа како последица на грешки што ги направија нивни министри. Си реков – не е можно да немаат решение, огромен е проблемот, сигурно сакаат да одат контра на опозицијата. Затоа и се стрпив неколку дена и не ги критикував, за да не избрзам.
Ама не. Џабе сум чекал, испаднав наивен кога помислив дека на парламентарното мнозинство сигурно му е најважно да се помогне на една третина од населението – она население што им ги дава дебелите плати.
Тие, не само што не понудија решение, туку не покажаа ниту чувство на вина. Напротив покажаа особена гордост оти го „одбраниле меѓународниот углед“ на Македонија. Не почувствуваа вина што се уште над 600.000 македонски граѓани имаат проблем со слободното движење надвор од државата.
Впрочем, мојата наивност дека се работи за одговорни луѓе е всушност само кратка заборавност – па тој нивен потег е континуитет во нивното седумгодишно владеење – поважно им е што ќе кажат странците, отколку што им треба на Македонците. Тоа е затоа што тие уште во првата година од практицирањето на власта се свртеа кон Брисел за таму да го црпат легитимитетот, наместо дома – во Македонија, кај своите граѓани.
Е како сега на избори ќе излезат и ќе уверуваат дека работат за доброто на народот?
А решение имаше и уште има. И многу е едноставно, само треба решителност и да се свртат кон граѓаните, барем еднаш во овој мандат. Како што за пола час експресно го сменија Законот за возачки дозволи, истото требаше да го направат и со пасошите. Објаснувањата дека со ова ќе се прекршел Преспанскиот договор не „пијат“ вода затоа што и обврската за промена на возачките дозволи произлегува од истиот Договор. Ако е така, зарем со продолжувањето на рокот во овој закон не се прекршил „Преспанскиот“. Џабе техничкиот министер за полиција објаснува дека со пролонгирањето на рокот за 7 или 9 месеци не значи напуштање на меѓудржавен договор, а со самото тоа не значи и прекршување. Ама кој да го слушне кога тие навикнаа да слушаат странци?
А овојпат всушност тие и не проверија што зборуваат странците. Министерот Османи, наместо да глуматаше загриженост и да издава пасоши на Македонци во Германија, требаше да тркне до Брисел и Атина (не за да моли или бара дозвола) туку само да извести дека државата е во зорт, направена е грешна проценка на роковите за промена на патните исправи. Да им каже дека Македонија не бега од обврската и нема намера да не почитува меѓународен договор, туку е принудена да го пролонгира рокот за неколку месеци.
Оти сериозните држави така го чуваат својот меѓународен углед. Тие прават сериозен меѓународен проблем и за само еден нивни граѓанин, а не пак како во случајот за една третина од населението.
Инаку, да ве потсетам ли како Ковачевски и Пендаровски се расправаа преку медиумите кој да се јавел во Грција? На крај никој не се јави и оставија над 600.000 лица да бидат понижени и во државен притвор.
Кога странците го видоа ваквото срамно однесување на македонската власт, некои влади во Европа одлучија дека ќе ги прифаќаат старите македонски пасоши доколку имаат рок на важење. Истите пасоши кои македонската влада ги прогласи за неважечки.
Тежок шамар за власта. Ама овие „нашиве“ ниту лекции учат, ниту срам имаат. А голем срам е туѓи влади да покажуваат повеќе грижа за македонските граѓани отколку што тоа го прави нашата.
Ама пак среќа е што за два месеца има избори, па граѓаните на Македонија ќе имаат што на гласачките кутии да кажат за овој проблем, создаден од СДСМ и ДУИ. Преголемо е понижувањето, тешко дека оштетените ќе бидат заборавни.