Фотографија на крадец кој зема еден точак од дворот во една станбена зграда е објавена на фејсбук-групата „Украдени точаци“. На неколкуте објави се гледа како крадецот им се доближува на велосипедите, а потоа зема еден од нив.
Граѓанинот која ја споделил фотографијата навел дека кражбата се случила во населбата Аеродром, а дека крадецот притоа носел и шипка.
Објавените фотографии веднаш предизвикаа и бројни реакции на членови на оваа група формирана да се споделуваат фотографии од украдени точаци со цел да бидат побрзо пронајдени. Многумина од граѓаните во своите коментари напишаа дека го препознаваат крадецот кој и порано бил забалежан на надзорните камери во други згради како врши кражби. Но и покрај тоа, тој се уште не бил фатен од страна на полицијата.
-Зарем не може да го фатат. На еден куп камери го има истиов. Аман веке!!, напиша една граѓанка.
Друг член на оваа ФБ група наведе дека крадецот најчесто оперира во населбата Аеродром.
– Мене моторот ми го украде овој пред Стоматологија. Само да го начекам ќе ве спасам сите. Секоја вечер возам точак и вртам кругови и молам Бога да го сретнам по улициве. Ќе го сретнам кога тогаш, потенцира уште еден граѓанин.
Другите граѓани наведоа дека овој крадец оперира и во цело Скопје и се чудат како полицијата до сега не го фатила.
-На инспекторот по кражби во Карпош му пуштив две снимки од него што ги има во групава и никому ништо… Сами требало да си бараме, а ако си го препознаеме точакот е тогаш да им јавиме да дојдат… Сами полиција и детективи да си бидеме, наведе една граѓанка.