Ана Петровска, независната кандидатка за градоначалничка од иницијативата Зелен Хуман Град, вели дека има решение за проблемот со поранешната депонија Вардариште која како жежок костен градоначалниците си го префрлаат веќе 25 години.
Петровска која е поранешна директорката на Државниот инспекторат за животна средина вели дека прво нешто кое треба да се направи е да се огради ѓубриштето и да се постават рампи на пристапите до него. Во меѓувреме, според решението кое го нуди Петровска, треба да се изработи техничка документација и да се обезбедат пари за санација и рекултивација, како и да се отпочне со градежните работи.
Со оглед дека неформалните собирачи на отпадот се социјално ранливи лица без лични карти кои живеат од отпадот што го наоѓаат, Петровска потенцира дека на овие луѓе треба да им се обезбедат лични документи и живеалиште, а потоа и да се вклучат во формалното селектирање и компостирање на отпадот на претоварната станица.