Казни од скоро 550.000 евра платиле граѓаните поради неносење маски, има ли ефект?

Повеќе од половина милион евра ќе треба да платат оние македонски граѓани кои до сега го направиле прекршокот со неносењето на заштитни маски во јавни простории или отворени места каде не може да се држи дистанца. Ова произлегува од фактот што до сега, како што соопшти МВР, ваков прекршок е констатиран кај вкупно 27.326 граѓани во Македонија.

Носењето на заштитна маска е воведено како обврска од 23 април годинава. Со оглед на фактот дека казната за ваков вид прекршок изнесува 20 евра во денарска противвредност, тоа значи дека вкупно за казни овие граѓани ќе треба да издвојат 546.520 евра.

Пресметката покажува дека во изминативе 75 дена од воведувањето на обврската дневно, во просек, имало по 364 казнети граѓани на подрачјето на целата земја. Тоа значи дека во државната каса по тој основ дневно се сливале по 7.300 евра.

Засега не е соопштено дали има некој граѓанин кој е казнет повеќе од еднаш и во кој дел од Македонија, односно во кој град, полицијата морала да напише најмногу казни.
Дали овие високи цифри ќе ги натераат граѓаните да бидат поодговорни и да носат маски ќе се види со следните статистики на МВР.
Претходна вестОпадна бројот на активни случаи на Ковид-19 во сите скопски општини
Следна вестСкопјанец по четири дена пријавил дека му е украден „Мерцедес“