Ќе ги послуша ли Герасимовски советниците од „Левица“ за облакодерите? Втор ден молк

Општина Центар молчи за барањето на советниците на „Левица“ итно да се стопира градбата на облакодерите кај „Холидеј ин“, обвинителството да отвори истрага, а граѓаните на Центар на референдум да одлучуваат дали треба да никнат. За помал дел од центарци, кои ќе бидат обесштетени заради градењето на трите кули, а ќе добијат и станови и деловни простории ако се изградат – ова е одлична солуција. Но, останатите се категорично против.

Ова беше гласно потенцирано и за време на локалните избори, но и многу пред тоа. Поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ после мораториумот тврдеше дека се обидува на различни начини да интервенира во одлуката за градење. Па следеше една повеќенеделна голгота со т.н елаборат за спречување за градење, кој „патуваше“ од општината до министерството за транспорт и врски, па обратно… Па беше враќан оти не беше сработен како што треба, додека архитектите, еко-активистите и граѓаните гласно се бореа да се спречи почетокот на изградбата.

Потоа стана јасно дека облакодерите ќе никнат. Богдановиќ тврдеше дека не е моќен да промени нешто. Сега надежта повторно се раѓа со барањето на „Левица“, но прашање е колку истата е реална судејќи според молкот на Герасимовски, како и сите досегашни етапи во владеењето на Богдановиќ.

-Сите знаеја дека веќе девет години на сила има ГУП на Скопје, донесен во времето на администрација на ВМРО-ДПМНЕ, кој на оваа позиција предвидува станбено-деловен простор. И никој од тогаш до сега не го адресира овој проблем, не поведува истрага зошто намената според ГУП е сменета токму на оваа позиција која беше ем државно земјиште, ем предвидено за државна администрација, во сериозно помал габарит. Според таквиот корумпиран ГУП, се направи уште покорумпиран Детален урбнистички план, на тендер за едно евро од хектар, па се постави прашањето за кого работат планерите? Дали за општиот интерес, или за приватни инвеститори? И таквиот ДУП помина неревидиран и без истрага од кај произлегува и зошто. Две администрации на СДС (или една на ЛДП, зависи како милувате) се сменија, но проблемот остана, очигледно проширен и надграден. Дали од неспособност или незаинтересираност, но евидентно е дека „џабе ги гласавте“, порача вчера „Левица“.

Претходна вестКривична пријава за велешанец за неовластено производство и пуштање во промет наркотици
Следна вестПроменливо облачно со повремени врнежи од дожд