Ќе мора ли Владата да решава и за сите други уривања на дивоградби?

 Да не ти се верува – тргна разрешницата за дивоградбата кај Мавровка. По двомесечното утврдување дека е дивоградба, па барање кој е сопственикот, па барање на фирма која ќе го изврши уривањето на општински тендери на кои не се јавуваше никој, конечно се најавува крајот на случајот со огромната нелегална бетонска градба кај трговскиот центар „Мавровка“. Случајот требаше да дојде на прва седница на новата Влада за таа да бара решение за случајот кој предизвика голем револт во јавноста.

Граѓаните прво беа револтирани зошто надлежните служби на општина Чаир дозволиле да никне бетонска градба како „реконструкција“ на кафулето кое пред 2,5 месеци изгоре во пожарот, а потоа поради тоа што не можеше да се открие кој е инвеститор и зошто не се урива.

И МВР се растрча

На крајот, Владата упати препорака до Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на оваа дивоградба. Уривањето треба да го изврши без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства. Препорачано е и Општина Чаир и ова ЈП да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти.

Од друга страна се откри и идентитетот на инвеститорот. МВР поднесе кривична пријава против едно лице за оваа бесправна бетонска градба.

-Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење”, а се однесува на бесправно изграден на бул. „Гоце Делчев“ на платото пред ДТЦ „Мавровка“, информира МВР.

Има и дилеми

-Се уште имам дилема и сомнеж дека работите навистина ќе се дотераат до крај. Баш би сакал да бидам демантиран од Владата, ни пиша во писмо скопјанецот Стево.

Каков ќе биде епилогот на овој случај, односно, дали во наредниве денови ќе следи уривањето и судска постапка против инвеститорот останува да се види. Но, веќе сега целиот случај наметнува повеќе прашања кога е се работи за справувањето со дивоградбите на подрачјето на градот. Очигледно станува дека надлежните општински инспекциски служби не реагираат навремено за да се спречат ваквите градби додека се уште во почеток. Да имаше интервенција на инспекцијата на градилиштето кое е оддалечено само 2-3 километар од општина Чаир проблемот немаше да добие такви димензии. Како проблем сега се појавуваат и тешкотии да се најде соодветна фирма за уривање на дивоградби заради очигледниот страв кај сопствениците на овие фирми. Сето тоа води кон прашањето дали справувањето со дивоградбите и натаму треба да остане во надлежност на општините или да се пренесе на Државниот инспекторат за градежништво. Во спротивно, ако не се смени ништо пак лесно ќе се случи во некој друг дел од градот да се направи бетонска дивоградба за која на крајот ќе треба да се решава на седницата на Владата која ветуваше дека ќе се бави со поважни државни прашања.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ бара Владата да ги урне и дивоградбите на Кале, Матка и во Охрид
Следна вестЗа две и пол години државните институции потрошиле 8 милиони евра за нови возила