Ќе помогнат ли казните за пијани возачи и оние кои возат пребрзо?

Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден, во Скопје казни вкупно 232 возачи, меѓу кои 86 за пребрзо возење, 19 за возачите на мотоцикли и пет за возачи-почетници.

Седумнаесет возачи возеле пијани, осум зборувале на мобилен, пет не носеле сигурносен појас, пет поминале на црвено, а 34 возачи се казнети за непрописно паркирање.

Бројките на казнети во Скопје и во другите градови секојдневно е слика и прилика за нашата сообраќајна култура.

Полицијата за еден ден казни 627 возачи за брзо возење на територија на целата држава. Од нив, 135 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 16 возилa се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

МВР сега започна да ги објавува бројките за речиси секој град посебно. Во Тетово на пример, вчера се казнети 74 возачи, од кои дури 67 возеле со брзина од над 50 километри на час над пропишаната, а седуммина за дури над 70 километри на час над дозволената.

Во Охрид и Струга казнети се 86 возачи, а на автопатот Скопје – Велес 83 возачи, од кои 40 возеле со брзина од над 50 километри на час над пропишаната, а шестмина за дури над 70 километри на час над дозволената.

Од МВР повторно потсетуваат дека во тек се засилени акциски сообраќајни контроли кои ќе продолжат.

Претходна вестИзложба по повод 110 години од раѓањето на Димче Коцо, еминентниот македонски ликовен автор
Следна вестВо камион на македонски возач најдени 300 кила кокаин, уапсен е во Албанија