Ќе возиме поспокојно по патиштата или шверцот на мигранти ќе дивее правејќи сообраќајки?

Возењето по македонските патишта е ризично – премногу има несовесни возачи кои се вистинска опасност. А сега пак, на нив им се додадоа и криумчарите на мигранти – возат лудо, бегаат од полиција, претоварени се со мигранти…

Кај штипското село Лакавица во синоќешната сообраќајна несреќа беа повредени 13 лица од кои 11 мигранти. Пре неколку дена кај струмичкото село Раборци се преврте комбе со 50 мигранти од кои нив 14 се здобија со повреди, а возачот избегал. Ден претходно, возачот кој превезувал мигранти предизвикал тешка сообраќајка во Струмица во која се повредени тројца мигранти. Пред недела дена, пак, во камион кај Стојаково беа откриени дури 211 мигранти, на патот меѓу Крива Паланка и Куманово мигранти скокале од камионската приколка за да не се задушат, а на патот Валандово – Струмица возач избегал оставајќи го среде пат камионот…

Сето ова се само најнови примери кои покажуваат колку опасно станува кога е во прашање безбедност на нашите патишта. А ризикот е се поголем. Нема ден, а да полицијата не информира за сообраќајка, за откривање на шверц на мигранти на некоја македонска дестинација – пред се околу Дојран, Валандово, Струмица, Радовиш, Гевгелија…

Појавата веќе доби загрижувачки размери. Тоа покажува дека: прво се поголем број на мигранти навлегуваат на нашата територија; второ, се поголем број на наши граѓани се впуштаат во шверц со цел брзо да заработат од мигрантите на кои им е потребен превоз до српската граница и трето, сето тоа го прави и одвовањето на сообраќајот се поопасно.

Бројните примери покажуваат дека нешто мора да се преземе пред да се случи некоја потешка несреќа. Мора првенствено да се спречува влезот на мигрантите во нашата земја, но мора и да се спречава шверцот со возилата. Очигледно, за тоа е клучен пограничниот регион и тука полицијата мора максимално да се ангажира. Во спротивно, само ќе се бројат сообраќајките и се потешките последици.

Претходна вестФилипче: Не очекуваме изнанадувања со поголем прилив на пациенти во болница
Следна вестЦените на горивата со ново поскапување