Во Свети Николе имаме поголем бран на заразени и во овој град бројот на заболени е околу 100 случаи, потеклото на бранот се поврзува со кластер од Штип. Најголемиот дел од заразените се од конфекцијата во градот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој беше во посета на Здравствениот дом во Свети Николе.
Тој рече дека трендовите во ширењето на корона вирусот се уште се во насока на приближно ист процент на новодијагностицирани од вкупниот број тестови и ист процент на хоспитализирани пациенти од вкупниот број на новодијагностицирани.
-Не очекуваме некакво изненадување во смисла на поголем наплив на пациенти кои би биле за прием во болница. Во таа смисла продолжува со ист интензитет работата на епидемиолозите на терен, односно интензивно тестирање согласно индикацијата, интензивно следење на контактите и нивно ставање во изолација, изјави Филипче.
Тој соопшти дека на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести ги анализирале податоците од претходните две недели, и како што рече, минатата недела има нешто поголем број на ковид дијагостицирани, но не поголем од претходните три недели.
-Во ГОБ „8 Септември“ повеќе денови по ред има помалку од 100 пациенти кои се третираат, 80 се позитивни, за другите се чека резултат во наредните денови. Има слободни кревети и на Инфективната клиника и на другите инфективни одделенија во општите болници општи ширум државата, додаде тој.