Со вчерашното гласање на лица заболени од Ковид – 19 и на лица ставени во изолација заврши првиот од трите дена предвидени за изјаснувањето на граѓаните за предвремените парламентарни избори. Вчера, од пријавените 759 лица за гласање своето граѓанско право го оствариле 723 лица.
-Ливчињата остануваат запечатени во ковертите кои се наоѓаат во гласачките кутии. Тајноста е загарантирана и не постои начин да се отворат овие ливчиња, ниту да се провери кој за кого гласал. Сите овие ливчиња остануваат затворени со останатите ливчиња од гласањето на 15 јули и тие нема да се отвораат до завршување на целокупниот процес, изјави вчера Борис Кондарко, член на ДИК.
Денеска, пак, е предвидено да гласаат болните и изнемоштените чиј број изнесува 8.852, потоа 1.657 лица во тринаесет казнено-поправни установи и шест внатрешнораселени лица. Правото на глас, пак, во 17. старечки домови ќе можат да го остварат 357 гласачи.
Утре ќе се изјаснуваат сите останати граѓани со право на глас.