Пребрзото возење стана вообичаена работа на македонските сообраќајници. Осилени се некои од возачите. Полицијата вели дека прави контроли. Има ли тоа задоволителен ефект?
По вчерашното вклучување на радарите полицијата лоцирала возач кој „летал“ со брзината од дури 212 километри на час!?
-Едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина, наведе МВР во информација.
На која патна делница во Македонија ова се случило и кој бил возачот, полицијата детално не објасни. Не е наведена и казната која ќе му биде изречена.
Загрижува што ваквиот бескрупулозен возач вчера не бил осамен. Полицијата санкционирала 186 возачи поради пребрзо возење.
-Од нив три возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 79 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 106 надвор од населено место, наведе МВР.
Дали сето ова е доволно за да се скротат брзите возачи? Еве вчера практично, како да се постави еден од највисоките неславни брзински рекорди на македонските патишта.
Очигледно е дека радарските контроли кои ги прави полицијата треба да бидат почести и на повеќе места. Прекршителите и натаму се бројни, голем број од казнетите возачи и натаму прават ист ваков прекршок, опасностите се постојани, често има сообраќајни несреќи…
Полицијата ќе треба да ја надгради својата контрола. Во спротивно на крајот на секој месец ќе треба да дава пехар на „рекордерот“ кој најмногу ја пречекорил брзината.