Академик Коцарев: Не молчете за поморот на македонскиот род, македонското име, за сè што е македонско

Порака до јавноста да не се молчи и да се спречи уништувањето и исчезнувањето на Македонија упати денеска претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев. Во колумнаta објавена во весникот „Нова Македонија“ тој наведува дека „грст политичари за грст денари веќе триесетина години ја држат Македонија во заложништво“.

Еве дел од колумната:

 –Иронично, месноста Преспа ќе биде запаметена како предел каде што започнаа раѓањето и изумирањето, 75 години подоцна, на современа Македонија. Имено, на Преспанското советување, одржано на 2 август 1943 г., во близината на Отешево, на кое главен реферат имаше Кузман Јосифовски-Питу, е отворено прашањето за организирање иницијативен одбор за свикување на АСНОМ. Што се однесува на Преспанската спогодба, потпишана на 18 јуни 2018 г., во селото Нивици, Егејска Македонија, таа, од денешна перспектива, означува почеток на крајот. Не навлегувајќи во геополитичките притисоци и итноста за потребата на некаква спогодба, оставајќи простор за дискусија околу можните геостратегиски придобивки од потпишаната спогодба, текстот на Преспанската спогодба покажува дека голем дел од владејачката, политичката и општествената елита, кои раководеа со клучните институциите на Македонија во 2018 година, се однесуваа неодговорно, неуко, неморално, непромислено, недржавнички. Голем дел од нив, по инерција, но и заради останување на власт, продолжија со таквото однесување. Некои можеби ќе аргументираат дека членството во НАТО е државнички исчекор, околу тоа може да се дебатира, но за фактот дека, според Преспанската спогодба, термините „Македонија“ и сите нејзини деривати во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, што, впрочем, е потврдено во ООН, нема потреба од дебата.

-Како понатаму? Грст политичари за грст денари веќе триесетина години ја држат Македонија во заложништво. Различни се патиштата за иднината на Македонија, но сите тие имаат заеднички именител: департизација на општеството. За да ги спречиме разорувањето, уништувањето, исчезнувањето, деградирањето на Македонија, за да не исчезне Македонија во оваа траурна тишина, не молчете!

-Не молчете за неукост, за кусогледост, за самоукинување, за немање визија, за властољубие, за користољубие, за неправда, за недржавотворност, за работење против државните интереси. Не молчете за исчезнувањето на Македонија, за партизирана Македонија, за поробена Македонија, за демакедонизирана Македонија, за предадена Македонија. Не молчете за поморот на македонскиот род, македонското име, за сè што е македонско, напишал академик Коцарев.

Целиот текст на претседателот на МАНУ може да ја прочитате ТУКА.

Претходна вестВо Ново Село најдено безживотно машко тело со траги на насилство, се бараат сторителите
Следна вестЌе му дадат ли пехар? Фатен возач кој „летал“ со 212 километри на час