Ќе одговара ли некој за големите пропусти околу патот Кичево – Охрид?

За 50-тина дена македонските граѓани требаше да возат по новиот автопат Кичево – Охрид. По 10 години чекање, тоа ќе беше убав момент. Ама…

Лично премиерот пред некој ден истакна дека нема да има ништо од возењето по автопатот. А, баш тој и неговите министри ветуваа дека на крајот од 2023 година новата сообраќајница ќе биде готова.

Сепак, до крајот на годината требало да се донесе најсоодветно решение за завршување на маратонската изградба на автопатот Кичево – Охрид. Каква и да била, тоа ќе значи ново пролонгирање на рокот кој сега беше поставен – крајот на оваа година.

Колку уште пари на граѓаните од Македонија во иднината ќе треба да бидат потрошени? Уште колку време ќе се гради патот?

Се случува ново, петто по ред продолжување на рокот за изградба на оваа автопатска делница. Почнат во далечната 2014 година ова делница долга 57 километри требаше да биде завршена за четири години. Но, во 2020-та година беа завршени само половина од предвидените работи. Се доцнеше од година во година, а со што и цената на изградбата се зголеми од првичните 374 милиони евра на околу 600 милиони.

А зошто се доцни? Во јавноста од надлежните се изнесуваат најразлични причини: од тоа дека првичниот проект не бил добар, дека имало многу проблеми на теренот, нерешени експропријации на земјиштето на предвидената траса…

Добро. Но, нели имаше волку скапата градба – надзорен одбор, нели имаше надгледување на работите од ресорното министерство? Не успеаја да ги видат аномалиите и на време да опоменат?

Друго прашање кое се наметнува е: дали некој ќе одговара за ваквите случувања при изградбата на автопатот, и кој, всушност, е одговорен – изведувачите или инвеститорите од државата?

Ако проблем е проектот кој не ги предвидел сите ситуации на теренот, кој е тој што го одобрил и го правел таквиот проект кој на теренот му создавал маки на изведувачот? Дали, можеби, е проблемот кај кинескиот изведувач и македонските подизведувачи кои не се ангажирале доволно? Зошто не се водело грижа за навремени експропријации на земјиштата бидејќи се знаело дека кај нас тие постапки траат со години…? Дали можеби проблемот е кај главниот инвеститор и координатор на проектот – односно во Владата, надлежното министерството…? 

Сето ова бара свој одговор и одговорност од оние кои носеле одлуки. Премиерот Димитар Ковачевски уште пред две години даваше гаранции и ветувања дека маратонската градба ќе биде завршена. Посочуваше дека за тоа е одговорен министерот за транспорт Благој Бочварски.

– Одговорен за патот да биде готов во јануари 2024 си ти како министер за транспорт и врски. И затоа, Благоја еве го тука, стани Благоја да те видат сите! Дајте му поддршка затоа што јануари 2024 година по тој пат мора да се вози со автомобили од Кичево до Охрид. Нема изговори и нема предавање, затоа што секоја цел, Благоја, е достижна, ако седнеш со твоите колеги,  ако секои две недели гледате и работите со надзорот, со изведувачите, верувај ми дека таа цел е достижна и во јануари ќе можеш сите да не повикаш во 2024 година да се возиме по тој автопат, изјавуваше пред две години премиерот Ковачевски.

Значи премиерот посочи кој е одговорен за патот да биде готов до крајот на 2023 година. Сега може ли да каже кој е одговорен што тоа не се случи?

Врз основа на кои сознанија премиерот даваше силни ветувања и гаранции? И тогаш ли се немаа информации за проблеми на трасата што е преостаната за изградба? Па нели веќе се менуваа –  подобруваа проектите и плановите? Сега најавуваат странски експерт, зошто не го повикале многу порано?

И така, сега сме во ситуација да се прави ревизија на договорот, да дојде странски експерт, да се чека дали можеби ќе се раскине договорот со изведувачот, па ќе се бара можеби нов, па да се трошат нови средства, па да поминат уште години без патот…

Кој за ова ќе одговара?

Претходна вестКога се роди тежеше само 940 грама, сега малиот борец Едон си замина дома
Следна вестОМД бара Владата итно да го отстрани споменикот со картата на „Голема Албанија“ во Сопот