Ќе продолжи субвенционирањето на парното греење во Скопје

Не треба да се оценува значително поскапување и ценовен шок во однос на сметките за парно греење. Ова денеска го кажа премиерот Димитар Ковачевски кој објасни дека во Буџетот има одвоено средства во износ од 250 милиони евра за антикризни мерки, а една од антикризните мерки е и субвенционирање на парното греење во Скопје.

-Ќе ги видиме пресметките што ги дале компаниите кои учествуваат во производството и дистрибуцијата и проценките за движење на цената на гасот и на другите енергенси од кои се произведува топлинската енергија и соодветно на тоа Владата ќе направи субвенционирање со цел да нема ценовен шок за граѓаните исто како што обезбедивме да нема ценовен шок и минатата година, рече денеска Ковачевски.

Тој потсети дека минатата година граѓаните имаа можност да видат во нивните сметки дека електричната енергија беше субвенционирана во однос на пазарната цена и до 80 и над 80 проценти во некои месеци.

-Така и ќе продолжи. Исто беше и со парното, рече Ковачевски

Тој нагласи дека доколку лани парното не било субвенционирано од државата и доколку не се обезбедело преземање на целокупната мрежа и на производството на топлинска енергија, тогаш Скопје ќе немало парно.

– Тоа е обврска на градот Скопје и на опозицијата која се фалеше дека ќе го направела Скопје метропола, а сега не може ништо да се доправи во Скопје што е започнато. Планирам да го повикам раководството на Скопје за да видиме како Влада што можеме да помогнеме во санирањето на делот со потребите на граѓаните, бидејќи граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во метропола, а не заслужуваат ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат за градоначалник да се караат по цел ден кој бил во право, потенцира Ковачевски.

Претходна вестАнкета на Брима Галуп: ВМРО-ДПМНЕ со рејтинг од 19,5 проценти, за СДСМ 13,6 отсто од граѓаните
Следна вестФункционерите се распределија за Илинден: Пендаровски со Вучиќ во „Св. Прохор Пчински“, Џафери на Мечкин камен, Ковачевски на Кале