Ќе се изеде доказот додека власта и опозицијата се натегаат за затруената храна

Јадат ли македонските граѓани безбедна храна, има ли во доматите, краставиците, младиот кромид и пиперките прекумерна доза на пестициди? Ваков сомнеж и стравување се прошири деновиве откако од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека надлежните државни органи – Министерство за земјоделство и Агенција за храна и ветеринарство – свесно дозволиле на македонските пазари да се продава затруен зеленчук. Цветан Трипуновски, претседател на партиската комисија за земјоделие на двапати покажуваше и документи од кои се гледаат анализи на зеленчукот кај кој е откриено дека има недозволено многу хемикалии кои се штетни за шовековиот организам.

Агенцијата за храна, пак, излезе со тврдењето дека тоа не е вистина, дека имало такви анализи, но од примероци за кои не се знае од каде се земени, но не биле од оние контигенти коишто се увезуваат…

Сето ова е доволно граѓаните да бидат збунети и по малклу подисплашени – да не знаат дали зеленчукот што го купуваат по маркетите и зелените пазари е сигурен и здрав за исхрана. Значи, постои опасност да купат затруен зеленчук и да се затрујат и самите.

Од друга страна лошо е и за чесните производители оти ако граѓаните се откажат од купувањето, со тоа на нив им се прави штета.

Ваква ситуација е неодржлива. Сомнежите и стравувањата мора да се расчистат. Надлежните мора да излезат со точни информации и вистина околу обвинувањата на опозициската партија. На јавноста мора јасно да и се каже од каде потекнува затруениот зеленчук за кој постојат документи дека анализите покажале дека е нездрав. Мора да се соопшти каде е тој зеленчук и каква е негова судбина? Само на таков начин граѓаните ќе бидат сигурни дека она што го наоѓаат на тезгите е проверено и сигурно за јадење. Во спротивно, може да се случи затруените контигенти да завршат во организмите на граѓаните со сите опсани последици.

Од друга страна, и опозициската партија кога изнесува обвинувања мора појасно да укаже за какви контигенти станува збор – дали се работи токму за големи контигенти од увоз или за помали количества. Во партијата имаат комисии за земјоделство нека поработат малку посеопфатно, нека дојдат до повеќе податоци и нека ја притиснат власта да си ја работи работатат за која е дебело платена.

Во спротивно едните ќе одржат прес конференција дека има затруена храна, другите ќе кажат дека тоа не е вистина и граѓаните во страв или не ни знаејќи ќе го изедат она што им се сервира. 

Е така ли ќе имаме здрава нација?

 

Претходна вестВо Кина се копа дупка длабока 10.000 метри во земјата
Следна вестГостиварец пријавил дека пред неколку години некој го измамил за вадење германска виза