Ќе се набави терапија за 30 пациенти со цистична фиброза

Набавка на лекови за терапија на 30 пациенти со цистична фиброза најави денеска министерот за здравство Беким Сали. Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук тој наведе дека одлуката за тоа се очекува да биде донесена на утрешната владина седница.

-На вчерашната владина седница иницирав обезбедување финансиски средства за лекот Трикафта за 30 пациенти со цистична фиброза. Се очекува во текот на утрешниот ден да биде донесена одлука за обезбедување средства, објави Сали.

Како што информираат од Министерството за здравство (МЗ) набавката на лекот ќе се одвива во неколку фази за одреден број пациенти.

Болните од цистична фиброза минатата недела најавија протест пред Владата со цел да алармираат за потребата од лекот и постоечката терапија која постојано доцни.

-Нашата борба продолжува во надеж дека ќе се ослободат нашите бели дробови од бодликавата жица и ќе пораснат 65 рози. Нашата борба продолжува во надеж дека ЦФ ќе значи целосно функционални наместо цистична фиброза, се вели во најавата за протестот од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Асоцијацијата одржа протест и во декември минатата година кога порача дека здравјето и животот на група млади луѓе се нешто на кое не смее да се става цена и не смее да се игнорира.

Претходна вестСкапото „шишање“ пари од ЕУ на суд: Лидија Димова вели – нема вина, второобинетиот Гочев призна дека вршел измами
Следна вестЛевица: Повеќе наши членови се повикани на „информативен разговор“