Ќе се утврдува безбедноста на никотинските вреќички што се употребуваат и меѓу младите во Македонија

Анализа со којашто ќе се утврди дали никотинските вреќички познати под името „снус“ се безбедни за населението наложила Владата на вчерашната седница. Министрите ја разгледале информацијата на Министерството за земјоделство за сè позачестената употреба на овие никотинските вреќички кај децата. Неколку надлежни органи и институции, меѓу кои првенствено Министерството за здравство, добија задолженија за анализи дали овие никотински вреќички кои слободно се продаваат се безбедни за населението од здравствено токсиколошки аспект и дали производот треба да биде во слободна продажба во Македонија.

-Треба да се изработи анализа со којашто ќе се утврди дали никотинските вреќички се безбедни за населението од здравствено токсиколошки аспект и дали производот треба да биде во слободна продажба во Република Северна Македонија, или при евентуално одобрување на пазарот треба да се стави забрана за продажба на лица помлади од 18 години, се наведува во соопштението.

Владата ги задолжи повеќе министерства, инспекторати и агенции да изработат компаративна анализа на законодавството за проблематика во врска со никотинските вреќички во ЕУ и Западен Балкан.

-Треба и да се дадат предлози за изменување и дополнување на прописите во областа со којашто се регулира здравствената безбедност, прометот, даноците и акцизите за никотинските вреќички во државава, а врз основа на изготвената анализа од Министерството за здравство, се наведува во владиното соопштение.

Инаку, родителите и наставниците се сѐ позагрижени бидејќи младите во основните и во средните училишта во земјава сѐ почесто консумираат „снус“. За оваа нова никотинска играчка кај децата, наставниците и професорите предупредуваат и на родителските средби со цел да се спречи нејзината употреба.

Веќичките, инаку, се скандинавски производ кој содржи влажни ќесиња со прав од тутун. Ќесето со правот се става меѓу горната усна и непцето, па ослободува никотин. Има разни вкусови како вкус на ментол и „зимзелен“ вкус. Не согорува, па не е опасен за белите дробови како чадот од цигарите. Но, „снус“ содржи никотин, супстанција која создава зависност, па во прекумерни дози може да предизвика никотинско труење или инфаркт. На опаковката на „снус“ има предупредување дека производот е штетен по здравјето и дека создава зависност.

„Снус“ е популарен меѓу малолетниците во светот и во Македонија бидејќи не се пуши, но има силен ефект поради присутниот никотин. Создава зависност, па откажувањето може да ги предизвика истите несакани ефекти како и откажувањето од пушење, пример, главоболки, лошење и психолошки проблеми. Според истражувањата, корисниците на „снус“ имаат поголема шанса за срцев удар, а и за рак на панкреасот, на образите и на непцата.

Една цигара содржи 1 мг никотин, а едно ќесе „снус“ содржи 6-13 мг никотин. Во Британија, Австралија и цела ЕУ, но не и во Шведска, забранета е продажбата на „снус“.

 

Претходна вестСе проверува ли добро колку опасни пестициди се користат во земјоделието?
Следна вестМалолетничка тешко повредена во сообраќајка кај Кале