Се проверува ли добро колку опасни пестициди се користат во земјоделието?

Пестициди коишто не би смееле повеќе да се употребуваат и натаму се користат меѓу македонските земјоделци. Вакво сознание произлезе деновиве откако беше обелоденето дека Хрватска од своја граница вратила четири пратки со зеленчук од Македонија.

При контролата на хрватските органи било утврдено дека во мешаната салата, морковот и пиперките има големи остатоци на повеќе пестициди, меѓу кои и на многу штетниот хлорпирифос кој е пронајден дури во 13 пратки.

Зеленчукот бил уништен, но она што уследи како сознание е дека во Македонија се уште се користи најспорниот пестицид хлорпирифос кој во ЕУ е забранет од април 2020 година. Овој пестицид е забранет од причина што студиите покажале дека може да влијае врз невролошкиот развој на децата. Конкретно, врз пореметување во развојот на мозокот, хиперактивност како и стопирање во развојот на растот, намалена концентрација и интелегенција…

Како можело и по четири години од забраната во ЕУ, тој пестицид се уште да се користи по македонските ниви? Откако еден пестицид ќе се забрани се дава 18 месечен рок за да се продадат и потрошат залихите, што значи дека тој рок одамна е истечен.

Ова надлежните мора да го добро проверат, проконтролираат и да се стави крај на ваквата прака. 

Воедно мора добро да се провери што македонските граѓани јадат и што им се сервира на пазарите и во маркетите.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство деновиве убедуваат дека се вршат контроли и дека сега ќе бидат интензивирани кон овој пестицид. Добро. Но, зошто успеало да биде неприметено дека големи количини на „контаминирана“ храна се упатила на пазарите?

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ тврди дека ќе поевтинат сметките за струја доколку дојдат на власт
Следна вестЌе се утврдува безбедноста на никотинските вреќички што се употребуваат и меѓу младите во Македонија