Коалицијата ВРЕДИ му одговори на лидерот на ЗНАМ: Максим Димитриевски да не ги оспорува симболите на албанскиот идентитет

Максим Димитриевски да не ја оспорува употребата на симболите на албанскиот идентитет, порака е која денеска на лидерот на ЗНАМ му беше упатена од коалицијата ВРЕДИ. До ова дојде по изјавата на Димитриевски дека партијата ќе ја напушти Владата доколку министрите од Вреди повторно се појават со албанско знаме пред нив.

Од коалицијата ВРЕДИ за порталот МКД.мк изјавија дека Димитриевски заборава дека предизборната кампања е минато.

-Предизборната кампања одамна заврши затоа сметаме дека ваквата реторика никому не оди во прилог. Подобро ќе беше претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пред да одлучи да коментира јавно, преку медиуми, да се информира што е целта на средбата на првиот вицепремиер Изет Меџити со министрите на Вреди. Сметаме дека е таков ‘куќниот ред’ во една заедничка Влада. Не гледаме ништо спорно во редовна координација на нашите министри заради обезбедување на ефикасност во спроведувањето на програмските заложби. Еве може да ги поканиме и министрите на ЗНАМ на следната координација, за да се уверат во ова што го говориме. Што се однесува до албанското знаме, имаме само една порака, не ја оспорувај употребата на симболите на албанскиот идентитет, како што не сакаш да бидат оспорувани симболите на македонскиот идентитет. Впрочем, заложбите за меѓусебно разбирање и соживот со Албанците не смеат да важат само за време на кампањите за локални избори, се вели во изјавата од коалицијата ВРЕДИ за МКД.мк.

Реакцијата на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски се однесуваше на првиот координативен состанок на министрите од Вреди во кабинетот на првиот вицепремиер и министер за екологија Изет Меџити, а на заедничката маса беа поставени македонското, албанското и знамето на ЕУ.

Претходна вестИзмамници лажно се претставуваат како лица од МВР и Европол
Следна вестВладата на денешната седница ќе ги укине економските директори на клиниките