Коалиционо – владејачки приоритети: Ако може Гаши, зошто да не и ние!

По синоќешната средба на премиерот во заминување Зоран Заев со коалиционите партнери, на која тој им реферираше што договорал со Гаши со денови, тие повеќе не го критикуваат што пред преговорите не ги известил. Туку, излегоа со пораки дека можеби и тие би можеле да „ќарат“ од Заев уште некоја функција, по теркот на Гаши.

Па така, по принципот „ако можеше Гаши, зошто да и ние“, дел од нив на средбата му побарале на премиерот исти функции за нивните кадри, како што Алтернатива успеа да добие министерско место без ресор. Сега, нивните поранешни остри реакции дека пораките и договорите со Гаши се штетни, паднаа во вода…

Мирослав Јовановиќ од Српска странка изрази незадоволство што Алтернатива ќе добие министер без ресор, па, како што рече по средбата, ако биде исполнето ваквото барање на Гаши, и тие ќе барале министер без ресор.

За лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, спорна е точката околу меѓународна истрага за некои судски процеси.
– Ова не може да биде предмет на договор. Алтернатива бара некаква амнестија и тука не смее да стане збор. „Диво насеље“ е терористички акт, а „Монструм“ двапати се судеше“, вели Трајанов. Тој стравува дека ова би ги влошило меѓуетничките односи.

Тито Петковски од НСДП рече дека, до овој момент тие нема ништо да бараат од Заев.

Инаку според дел од медиумите, Заев на коалиционите партнери им ветил дека владината програма ќе остане иста, а барањата на Алтернатива само ќе се додаделе.

На што ќе личи новоформираната владина коалиција ќе видиме наскоро. До тогаш само за потсетување: СДСМ не така одамна силно ветуваше дека ќе ги укине министрите без ресор оти не биле продуктивни и многу трошеле.

Претходна вестУтре постудено со дожд, на планините снег
Следна вестТанцов перформанс што не смее да се пропушти: „Јовано, Јованке“ вечерва во МКЦ