Заврна малку посилен дожд – падна потпорен ѕид кај булевар во Пинтија. Зошто не издржа градбата?
Потпорниот ѕид на булеварот „Борис Трајковски“ не е проектиран да биде брана за надојдени води, е објаснувањето кое денеска го даде поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски. Во објавата на Фејсбук тој укажува дека ѕидот не може да ја издржи големи количина на вода.
-За рушењето на дел од потпорниот ѕид на бул. „Б. Трајковски“, кај населбата Пинтија, сметам дека причината е немањето на целосна и соодветна атмосферска канализација и попречни решетки кои ќе ја прифатат атмосферската вода од улиците. Поради тоа целата количина на вода од огромните обилни дождови преку трите улични краци и преку дворовите удира директно на потпорниот ѕид. Тој не е проектиран да биде брана за надојдените води, објави Трајановски.
Поранешниот градоначалник објави и фотографии од кои се гледа дека големо количество на вода се сливало од три улици по стрмиот терен во населбата Пинтија.
Од друга страна, градоначалник на скопската општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски најави дека тие што го изведувале потпорниот ѕид треба да одговараат.
-Ќе се изготви проект за санација и ќе се направи ревизија како е граден потпорниот ѕид. Ќе се испита целата состојба со оваа градба, но сведоци сме дека многупати се случувале и трагедии и ќе ги испитаме сите потпорни ѕидови на територијата на општината. Тие што ги изведувале овие активности, треба да одговараат, бидејќи народот плаќа, а можело да има и жртви. Ние посериозно ќе се позанимаваме со ова прашање, најави Ѓорѓиевски.
Тој ги повика органите на правдата детално да го испитаат и начинот на кој се градени потпорните ѕидови.