Градот нема да ги поштеди галиите во Вардар. Од Град Скопје информираат дека во завршна фаза било нивното отстранување. Откако се урна дивоградбата кај Мавровка градоначалникот Петре Шилегов побрза да вети дека галиите нема да куртулат. Доставено било решението од извршителот до должниците, а во понеделникот судот известил дека е искористено правото на приговор.
„Скопско ехо“ повеќе пати јавно посочи кога ќе се дислоцираат галиите, ќе се види дека тие не се единствена вишок работа во реката. Тогаш уште подобро ќе се види она што за цело време му е пред очи на градоначалникот: главната опасност од поплави и главното ругло во Вардар е неисчистеното корито на реката.
Па колку пати среде центарот, околу Камениот мост се прават смешно-грди островчиња обраснати со трева, а на кои потоа се наталожуваат купишта гранки, летви, пластични шишиња, па дури и рамки за врати, дрвени калеми за електрични кабли и некој фрлен шпорет? Зошто никогаш не се направи сериозно темелна акција за чистење на Вардар?
Изгледа галиите за локалната власт се единствениот проблем, но што кога ќе ги снема и страшниот отпад ќе почне да боде очи пак? Одговор за ова нема.